Фестивал за критичка култура: „Крик“ го опсервира актуелното општество

Вториот дел на Фестивалот за критичка култура „Крик“, во организација на „Контрапункт“, се одржа од 15 до 18 септември во Музејот на современата уметност и донесе серија релевантни опсервации на актуелното општествено живеење.

Тема на годинашното петто издание на Фестивалот за критичка култура „Крик“ е „Конечноста и кршливото општество – социјализам, слобода и секуларност“, а инспирирана е од книгата на Мартин Хеглунд „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“. Низата предавања почна на 15 септември со професорката Елизабета Шелева во разговор со Мања Величковска со наслов „Тропи на ранливоста (потеклото како долг или бегство од биографија)“.

– Ковид-денешницата ја размрда подзаборавената, а длабока потреба (и потрага) на човекот за поинаква праведност и моралност (онаа, која не исцрпува во селфи-идеологијата како метафора, туку примарно постои преку заемноста, базичната грижа за Другиот и неговата добробит), етичноста – при тоа, не толку однадвор наметната како покорност (кон Бога), туку изнедрена однатре, како инхерентна потреба од „доброволна“, изворна заемност, но, и утопизам: непресушна верба во подоброто утре, или, во самиот концепт на иднината, различна од (тековната) апокалипса, деструкција или сеопшто обезвреднување – забележа професорката Шелева во своето предавање на „Крик“.

Мања Величковска и Елизабета Шелева

Следните денови серијата предавања продолжи со „Политичкото естетско: релационост, ранливост и антагонизам“, предавање на Славчо Димитров во разговор со Артан Садику и со дијалогот на Артан Садику и Станимир Панајотов од Бугарија на тема „Смртта и сексуалноста“. Последната вечер на 18 септември премиерно беше прикажан краткиот филм „Сето време е сето време“ на Иван Блажев, по што следуваше „Пролегомена за една комунитативна ангажираност“, предавање на Небојша Вилиќ проследено со излагања и разговор со Натали Р. Павлеска и Јованка Попова.

Петтото издание на „Крик“ својата програма ја почна во јуни со онлајн предавањата на Франко Берарди Бифо, Џули Реше, Светлана Слапшак, Томислав Медак и Алфредо Саад Фиљо, а ќе продолжи до декември. „Крик“ се фокусира на три главни, прилично деликатни области од нашето современо политичко и идеолошко опкружување, кои се клучни одредници за историјата на филозофската и политичката мисла: слободата, секуларизмот и социјализмот.

Искра Гешоска и Артан Садику

– Повеќе од јасно е дека во овој миг сите сме исправени пред, можеби, најважните предизвици за кои досега само академски, епистемолошки, со напор за практикување во општествениот контекст, сме разговарале – што значи практикувањето, втемелувањето на одговорна, солидарна, емпатична, еманципаторска критичка заедница и култура. Во мигов сме соочени со најранливото лице на светот, кое не постои ниту само во умните книги, ниту само на масовните форуми и конференции, ниту само во интелектуалните парадигми. Сега ни се случуваат во реалниот простор и време тагата и распадливоста на она што го живееме како претпоставена заедница, култура, политички имагинариум – потенцира Искра Гешоска, програмска уредничка „Крик“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 49, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот