Фестивал на нова музика: Единаесет години „Здраво млади“ зрачи убава енергија во етерот
Пред 11 години, „Здраво млади“ почна да зрачи во македонскиот музички свет. Започна една нова (единствена од својот вид) приказна чие име е инспирирано од флиперница во Кратово. Од обичен „поздрав до младите“ се роди фестивал на нова музика кој низ годиниве донесе најактуелни артисти, израсна цели бендови и со одлична промоција ја лансираше кариерата на многу локални, па и странски изведувачи.
Препорачано
– Овогодишното издание, со сите убави и не толку убави најави, со сите детали и промени во последен момент и емоционалниот ролеркостер кој го претрпевме, на крајот резултираше со топла прегратка која нѐ натера да заборавиме на сите грижи. Две бини, шест бендови, два диџеј сетови, два соло артисти, две изложби и ладно пиво за гасење на жедта за добар провод – резимира тимот на МКЦ, организатори на фестивалот.
Музичката програма почна во 19 часот со „Луфтханза“, најновиот бенд на локалната сцена моментално. Бендот за прв пат настапи во МКЦ и го покажа својот енергичен став, кој само дополнително потврди дека момците, со веќе два одлично продуцирани албуми, се спремни за офанзива. Отспротива, на втората бина, се спремаше „Blackstate“, псевдонимот зад кој стои Филип Тасевски – Фиц, долгогодишен дел од музичката сцена кај нас. За прв пат со придружба од Дамјан Даневски (тапани) се слушаше и гледаше современо експерименталната електроника во која Тасевски со своето самоистражување ја најде „потемната“ музичка страна.
Следуваа „Kоикои“ од белградската алтернативна сцена, коишто освоија со хипнотичкиот, современ поп, испреплетен со носталгични рифови и рокерски глас. По кратка пауза следуваа шпанските пост-панкери „Belgrado“, кои претставија дел од новиот материјал, а публиката ја прошетаа и низ нивното искуство од 11 години на сцена – приказна стара (или млада) колку „Здраво млади“. Доста благодарни и среќни што настапија за прв пат во Скопје, по настапот се симнаа да се дружат со фановите и целата публика која беше на фестивалот.

На другата страна од „бомбата“ почна настапот на грузиското торнадо насловено „Murman Tsuladze“. Енергијата на бендот и хитовите „Ras, Dva, Tri“, „La flemme de danser“ ја поведе разиграната публиката на незаборавно патување на летечкиот килим. Следуваше домашната електро/синтвејв сензација „Искра“, која покрај музичко, беше и неверојатно визуелно доживување. Момците претставија дел и од новиот материјал, кој најавија дека ќе излезе до крај на годинава.
На другата бина се појави и хрватската поп-машина „Пеки Пеле“, кој ја разнежни публиката со својот настап и музичкиот материјал, што главно се фокусира на симпатии и (едноставниот) тинејџерски живот.

По кратката пауза и визуелната тензија измешана со звуци, која полека го најавуваше следното збиднување, конечно стигна и настапот на „Shortparis“. Настана нешто налик фузија помеѓу сцената и публиката. Бендот ја пренесе својата енергија со сите движења и погледи. Секој звук пулсираше заедно со публиката, која само што го доживеа најдобриот руски чин во живо. Настап за паметење.
Потоа следуваше миленикот на скопската публика „Hercules & Love Affair“ или Ендрју Батлер, кој со својот диџеј сет направи една слободна зона за експресија на чувства, танцување и соживување со сите звуци. Крајот на вечерта го заокружи танцувањето на публиката на сцена заедно со резидент диџејот на „Здраво млади“ секоја година, Ирецот диџеј Фиц, кој со својот интернационален микс од музика го заробува секое срце на (вечно) младата публика.

Покрај музичката програма, публиката имаше шанса да ужива и во ликовна уметност – изложбата на сите конкуренти кои учествуваа во конкурсот за изработка на постер за единаесеттото издание на „Здраво млади“ и „Маска или преобразба на изопаченото“ на Бранкица Јордановска, која може да се посети во Галерија МКЦ од 1 до 8 септември – потсетуваат од тимот на МКЦ.


