Ирански дронови на парада во Техеран - Фотографија ЕПА, Абедин Такенкенарех

ФБИ предупредува на можни ирански напади со дронови врз Калифорнија

Американското Федерално истражно биро (ФБИ) во последните денови ги предупреди полицијата и локалните власти во Калифорнија дека Иран би можел да изведе напад со дронови од пловила долж западното крајбрежје на САД. Предупредувањето е направено врз основа на разузнавачки информации собрани од почетокот на февруари, кои беа испратени до локалните безбедносни власти кон крајот на минатиот месец, јавува Еј-би-си Њуз.

„Според информациите што ги добивме, Иран од почетокот на февруари планирал изненаден напад со беспилотни летала од непознато пловило долж западното крајбрежје на САД. Нападот би бил насочен кон неодредени цели во Калифорнија и би се изведувал само како одмазда за американските удари врз Иран“, се наведува во билтенот кој американскиот медиум го имал на увид.

Во предупредувањето не се наведени детали за време, метод, цел или потенцијални изведувачи на нападот.

Оваа закана се јавува во контекст на војните акции на администрацијата на Доналд Трамп против Иран, на кои Техеран веќе одговорил со напади со дронови на цели низ Блискиот Исток.

Канцеларијата на ФБИ во Лос Анџелес одби да коментира, додека Белата куќа не одговори на барањето за коментар.

Американските разузнавачки претставници, исто така, изразија загриженост во последните месеци за зголемената употреба на беспилотни летала од страна на мексиканските нарко картели. Постојат стравувања дека технологијата би можела да се користи за напад врз американските сили и персонал во близина на мексиканската граница.

„Непотврден извештај покажува дека неидентификувани водачи на мексикански картели одобриле напади со беспилотни летала натоварени со експлозиви против американските безбедносни сили и воениот персонал по должината на границата меѓу САД и Мексико“, се вели во билтенот од септември 2025 година.

Во документот се додава дека „овој вид напад врз американски персонал или интереси во САД би бил без преседан, но тоа е веројатно сценарио, иако картелите обично избегнуваат дејствија што би привлекле несакано внимание или одговор од американските власти, наведува медиумот.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот