Фарми за риба ги загадуваат фјордовите во Норвешка колку канализација од десетици милиони луѓе, покажува истражување
Фарми за риба ги полнат фјордовите и другите крајбрежни води со загадување еквивалентно на суровиот канализациски отпад од десетици милиони луѓе годишно, покажува ново истражување, пренесува Гардијан.
Препорачано
Норвешка е најголемиот светски производител на одгледуван лосос, а хранливите материи во храната за рибите директно се испуштаат во крајбрежните води. Анализа на Институтот „Санстоун“ покажа дека норвешката аквакултура во 2025 година испуштила 75.000 тони азот, 13.000 тони фосфор и 360.000 тони органски јаглерод.
Според извештајот, овие хранливи материи се еквивалентни на оние што се наоѓаат во непречистен канализациски отпад од 17,2 милиони луѓе за азот, 20 милиони луѓе за фосфор и 30 милиони луѓе за органски јаглерод, што предизвикува страв од штетно цветања на алги.
„Норвешка е мала земја со само 5,5 милиони жители, а загадувањето од аквакултурата во однос на овие три хранливи материи е три до пет пати поголемо од бројот на населението“, изјави Александра Пирес Дуро, научник за податоци во „Санстоун“ и авторка на извештајот.
„Изметот, неизедената храна, урината – сè оди во водата“, дополни таа.
Рибите во фармите се хранат со пелети богати со хранливи материи во отворени мрежести кафези додека се одгледуваат за човечка исхрана. Аналитичарите ја пресметале количината на внесени хранливи материи што остануваат во водата користејќи податоци од националната Дирекција за рибарство и Ветеринарниот институт.
Истражувачите утврдиле дека потрошувачката на храна се зголемила за 14,6 отсто во период од шест години, што е согласно проширувањето на индустријата, притоа создавајќи нутритивно загадување во 2025 година што одговара на нивоата што би се очекувале од суровиот канализациски отпад на држава со големина приближно како Австралија.
Фјордовите се особено ранливи на вакви ефекти бидејќи се полузатворени водни тела, што овозможува поголема акумулација на хранливи материи. Нивото на кислород во нив веќе опаѓа поради глобалното затоплување.
Научници ѝ порачаа на ЕУ да почне да планира за „катастрофални“ температури од климатските промени
Во Согнефјорд, најдолгиот фјорд во земјата, зголемениот доток на хранливи материи – не само од рибните фарми – е одговорен за околу две третини од намалувањето на кислородот, покажала студија минатата година, додека потоплата вода влијаела за останатата третина.
Нивото на кислород во длабоките води исто така се намалило и во вториот најдолг фјорд во Норвешка, Хардангерфјорд.
Во март, властите одбиле девет барања за отворање рибни фарми во фјордот поради зголемените емисии што би ги предизвикале. Том Педерсен, советник за животна средина за регионот и експертски рецензент на извештајот на „Санстоун“, изјави дека бројките не се изненадувачки и дури се „на конзервативната страна“.
„Главната грижа што ја имаме последниве години е што сите овие алги и планктони умираат, па тонат на дното и се распаѓаат, а тој процес троши кислород“, рече тој.
„Крајниот резултат е дека нивото на кислород во фјордот се намалува и веќе се намалило“, дополни Педерсен.
Кристер Хоас, раководител за јавни работи во Норвешката федерација за морска храна, тврди дека индустријата постојано работи на намалување на својот еколошки отпечаток.
„Институциите јасно укажуваат дека зголемувањето на производството во одредени фјордски системи можеда го зголеми ризикот од еутрофикација, но дека сегашното производство е во рамките на капацитетот на природата. Ова дава основа за построго управување, но не докажува дека тековните активности ги уништуваат фјордовите“, тврди тој.


