Фантом-пријавители по погребот на жртвите од „Пулс“ го бомбардирале Советот за етика во медиумите со 140 поплаки во еден ден
Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) дента по погребот на жртвите од трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“ примил 140 жалби за начинот на кој известувале медиумите, информираше извршната директорка Билјана Георгиевска. Таа додаде дека сите поплаки дошле од мејл-адреси направени за една употреба или од непостоечки телефонски броеви на кои не одговарал никој.
Препорачано
-Во само еден ден, непосредно по погребот на жртвите од катастрофалниот пожар, до Советот стигнаа преку 140 жалби. Секоја минута стигнуваше по една жалба што за нас беше многу необична ситуација која наликуваше на оркестриран дигитален напад, не само врз Советот за етика во медиумите, туку и врз медиумите, особено за содржините и начинот на известување поврзани со погребот. Тие главно влегоа во пакетот жалби кои се поднесени без основа, бидејќи се однесуваа на странски медиуми, од регионот, но и на телевизии од Индија, рече Георгиевска.
Во 2025 година, до Советот за етика во медиумите голем број на поднесените жалби биле поврзани со трагедијата во Кочани. Разгледани биле 96 а добиени биле 244 жалби и поплаки. Најчесто било прекршувањето на членот број 1 од Кодексот на новинарите – недостиг на извори и немање втора страна од приказната. Во 2024 година пак, имало голем број лажни жалби во име на големи институции во обид да се злоупотреби медиумската саморегулација. Од Советот за етика велат дека онлајн медиумите се најголеми прекршители на стандардите за етичко информирање.
Како што информираат од СЕММ, од разгледаните 96 жалби минатата година, за 58 се донесени одлуки дека постои прекршување на Кодексот, а за 32 дека не постои. Шест жалби се решени со медијација.
Жалбите најчесто ги поднесувале политичарите, функционерите и институциите (35 жалби), а потоа и граѓаните кои поднеле 25 жалби. Граѓанскиот сектор доставил 22 жалби, а медиумите и новинарите и политичките партии – по 6 жалби.
Претседателката на Управниот одбор на СЕММ Леунора Калиќи вели дека бројот на поднесени жалби укажува на тоа дека Советот е организација со кредибилитет и интегритет.
-Тоа што се разгледани 96 поплаки укажува каде би требало да реагираме и каде може да интервенираме за да добиеме појасна слика и подобрување во медиумскиот простор во следниот период. За онлајн медиумите се однесуваат најголем број од жалбите, а најголем број од нив се однесуваат на три членови од Кодексот, што значи дека и годинава ќе треба да работиме на медиумска писменост, рече Калиќи.
Претседателката на Комисијата, Снежана Трпевска, вели дека иако постои мислење дека одлуките на комисијата не се релевантни и не можат многу да променат, на добар дел од медиумите на кои тие се однесувале не им било сеедно кога ќе се посочат дека направиле етички пропуст.
-Најголем број жалби се за интернет порталите, што укажува на тоа дека на публиката ѝ е многу полесно материјалот за кој што се жали, да го обезбеди на интернет, но и дека дел од традиционалните медиуми, како телевизиите, подобро ги познаваат етичките правила – вели Трпевска.


