Факултетот остана без асистентот Христовски

Бојан Христовски / Фото: Слободен печат, Слободан Ѓуриќ

Директорот Бојан Христовски останува на чело на Агенцијата за национална безбедност иако Факултетот за безбедност го избра за асистент на научната област Криминалистички науки на онлајн седница и го отфрли приговорот на еден од противкандидатите за ова место. Тој во изјава за „Слободен печат“ рече дека останува на директорското место и дека доколку процедурата налага, тој ќе се откаже од звањето асистент.

– Дефинитивно потврдена е одлуката од Наставно-научниот совет за избор на асистент на Факултетот за безбедност, за што сум искрено благодарен на сите професори што ја дадоа својата поддршка. Морам да истакнам и дека пријавата по јавен оглас беше пуштена од моја страна пред повеќе од еден месец, пред моето именување за директор. Не знам каква е процедурата и законските можности во овие околности, но секако приоритет ми е извршувањето на оваа важна функција што ја извршувам во моментов – вели Христовски за „Слободен печат“.

Од факултетот за безбедност сè уште ги разгледуваат правните можности дали Христовски треба официјално да поднесе известување дека се откажува од местото на Факултетот. Деканот на Факултетот за безбедност, Јонче Ивановски е дециден дека доколку тој, како што кажа јавно, останува на директорската позиција нивната согласност што ја имаат добиено од Министерството за финансии пропаѓа и по Нова година треба да бараат нова согласност оттаму за вработување асистент.

Бидејќи рокот за избор на асистент е до Нова година, тие немаат време да распишат нов конкурс.

Според законските процедури, ако Христовски сака да биде асистент на Факултетот за безбедност, требаше да се откаже од директорското место во АНБ, да даде отказ од Министерството за внатрешни работи каде што работното место му е во мирување и да заснова нов работен однос со Факултетот за безбедност.

Владата го назначи Христовски за директор на АНБ на 16 октомври, а оттогаш не престануваат реакциите за неговото именување и дали тој ги исполнува условите да ја води Агенцијата. Најспорен беше неговиот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик издаден од јазичниот центар „Јулија“ од Пловдив, Бугарија, за кој во јавноста беше откриено дека не постои и не се занимава со полагање. За ваков ист фалсификуван сертификат две директорки веќе биле осудени на условни казни.

ДКСК постапува по седум пријави доставени до нив за Христовски, додека предмет за него се води и во Обвинителството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот