Факултетот на Мерко не смее да запишува студенти за медицински сестри и техничари додека не добие акредитација за програмата

Фото: Влада на РСМ

Факултетот за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга на синот на Рамиз Мерко, Генц, уште нема добиено акредитација за студиската програма која ќе произведува медицински сестри и техничари, потврдуваат за „Слободен печат“ извори од Агенцијата за квалитет на високото образование. До добивањето на оваа акредитација, факултетот не може да почне да запишува студенти.

Во склоп на оваа Агенција за квалитет на високото образование е одборот за акредитација на високото образование, чија задача е да ја акредитира студиската програма доставена од универзитетот а според која ќе студираат студентите. На страницата на Универзитетот веќе е најавено дека во него ќе функционира и Факултет за здравствени науки.

Во конкретниот случај, аплицирано е со само една  наставна програма – онаа за медицински сестри и техничари. Програма за доктори немало.

На веб страницата на Меѓународниот универзитет Струга веќе е најавено дека во склоп на Универзитетот има и Факултет за здравствени науки. Покрај овој факултет, студентите на овој Универзитет се запишуваат и на Факултетот за политички науки, за економски науки, правни науки и информатички технологии.

Мерко побарал да оформи Факултет за здравствени науки со тригодишна студиска програма (180 кредити) за медицински сестри. Според нашите информации, од Универзитетот доставиле и нотарски изјави дека професорите што ќе ги ангажираат на Факултетот за здравствени науки, ќе бидат во редовен работен однос.

Единствено е добиена дозвола за почеток на работа на единицата односно на Факултетот за здравствени науки.

Но, уште не е акредитирана програмата. Имаат аплицирано само за една програма, а тоа е за медицински сестри и за техничари. Нема апликација за општа медицина, изјави за „Слободен печат“ директорот на Агенцијата за квалитет на високото образование Расим Зуфери.

Министерот за образование  Јетон Шакири се најде на удар на критики поради тоа што непосредно пред заминување „основал Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга“.

Но тој демантираше дека го основал факултетот и рече дека само потпишал решение дека се исполнети условите да почне да работи високообразовната установа, нешто што го правел и за други факултети.

Пред неговиот потпис, комисија во Министерството за образование и наука му дала позитивен извештај.

Од одредени политички субјекти сум прозван дека сум основал Факултет за здравствени науки при Меѓународниот универзитет во Струга. Некои пак споменуваат Факултет за медицински науки, а тоа се два различни поими.

Нема да навлегувам во причините за ваквите објави, дали се тенденциозни или од незнаење, но оваа информација категорично ја демантирам. Би сакал да појаснам дека министер не може да основа високообразовна установа.

Тоа е цела постапка во која се инволвирани повеќе надлежни институции и органи, а меѓу нив и Министерството за образование и наука кое во суштина, има најмалку надлежности, вели Шакири.

Меѓународниот универзитет во Струга е во делумна сопственост на синот на градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, Генц. Во јуни минатата година САД го ставија Мерко на црната листа на лица на кои им се забранува влез во САД. Санкцијата се однесува и сопругата на Мерко, Шпреса, и неговите три возрасни деца, Генц, Назмије и Дренуша. 

Основањето на Факултетот во состав на веќе постоечкиот универзитет, почна со владина одлука што во Службен весник беше објавена на 15 април, за време на предизборна кампања.

Владината одлука ја потпишал техничкиот премиер Талат Џафери од ДУИ. Во неа е наведено дека на овој факултет се превидени две студиски програми: Општа медицинска сестра и Студии од здравствена нега, од прв циклус стручни студии (180 ЕКТС).

Следниот чекор е одборот за акредитација при Агенцијата за квалитет на високото образование да го акредитира проектот доставен од универзитетот.

Понатаму, следи носење на акти за основање и работа на факултетот од страна на матична комисија при универзитетот и дури потоа, по завршување на овие фази, врз основа на мислење на комисија за увид во исполнетост на условите за работа, во рамки на МОН, министерот за образование и наука носи одлука за исполнетост на условите и дозвола за почеток со работа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот