Европскиот број за итни повици 112 почна да се користи кај нас

Фото: МИА

Центарот за управување со кризи денеска соопшти дека имплементацијата на единствениот европски број за итни повици 112 е почната и во најголем процент воведувањето во употреба на овој број треба да заврши кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година.

ЦУК информира дека 112 е телефонски број за итни повици за граѓаните на Северна Македонија, како и странции кои се наоѓаат на наша територија, а забележале настан со потенцијална опасност за животот на луѓето или материјалните добра.

– Согласно добиените финансиски средства од страна на Европската комисија во рамките на програмата „Миграција и азил, гранчен менаџмент и борба против тероризам и организран криминал”, како и предвидените финансиски средства во буџетот на Центарот за управување со кризи за следните три години, започната е имплеметнацијата на проектот. Паралелно, со набавката на опремата ќе се работи и на обука на лица кои ќе ги примаат повиците и ќе управуваат со нив, соопшти ЦУК.

Од ЦУК дополнуваат дека со воведувањето во употреба на единствениот европски број за итни повици ќе биде обезбедено и мултијазична поддршка, достапност до бројот до многу ранливи категории на луѓе, луѓе со различен вид на попреченост, како и достапност до бројот 112 преку социјалните мрежи.

Во моментов, како што велат, се работи на градежно, имформациско и комуникациско уредување на просторот наменет за оперативниот центар.

Наредната година ЦУК ќе се фокусира на имплементација на Процената на загрозеноста на безбедноста на земјава од сите ризици и опасности на државата, Процени на загрозеноста на подрачјата на општините и Град Скопје и Веб базирана алатка „e-procena”.

– Процената претставува документ кој е во функција на планирање и организација на системот за управување со кризи, го помага процесот на одлучувањето на надлежните носители на функции и одговорности, ја поддржува комуникацијата, координацијата и употребата на ресурсите заради превенција, рано предупредување и справување со сите ризици и опасности кои можат да го загрозат животот и здравјето на луѓето, материјалните и природните богатства, како и општата безбедност на државата, информира ЦУК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот