Европски проект „КреАрт“ за поголема видливост на делата на младите креативци
Со изложбата „Портали 2021“, поставена во Галеријата на КИЦ, Музеј на Град Скопје и Град Скопје на 21 март ја реализираа манифестацијата Европски ден за уметничка креативност од проектот „КреАрт“.
Препорачано
Изложбата „Портали 2021“, која е поставена во галеријата на КИЦ, беше проследена со дебата на тема „Илустрација или фрустрација – која е македонската стрип приказна?“, модерирана од графичкиот дизајнер Лазе Трипков. Овие активности се дел од манифестацијата Европски ден за уметничка креативност од проектот „КреАрт“. Преку делата на македонски илустратори кои негуваат специфичен ликовен израз, како Атанас Ботев, Владимир Благојевиќ, Филип Велковски, Михајло Димитриевски, Јасна Николова и Сања Симоска, изложбата открива дел од богатството на млади автори кои во моментов активно се занимаваат со оваа уметничка гранка. Нивната огромна љубов и посветеност кон оваа ликовна дисциплина е насочена кон креирање стрип, арт-концепт за видеоигри, детска илустрација или графички дизајн.
Град Скопје од 2017 година е дел од меѓународниот проект „КреАрт“, Мрежа на градови за уметничко творештво составена од јавни и приватни културни институции. Целокупната програма на проектот финансиски е конструирана како ко-финансирање помеѓу управата на градот-партиципиент и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Еден од основните приоритети на проектот „КреАрт“ е презентација на локални креативни таленти и уметници со нивните дела, зад кои стојат различни културни багажи и гледишта.

Проектот кај нас досега резултираше со четири циклуси на изложбените концепти „Портали“ и „Калеидоскоп“, каде се претставени вкупно 45 домашни автори од различни сфери на креативните уметности; одржани се едукативни креативни работилници со над 60-тина учесници, како и дебати на кои е разговарано за актуелни теми кои го третираат односот на нашето општество кон уметниците од одредени гранки на креативните уметности.
Целокупната организација на сите настани за Европскиот ден на уметничка креативност во текот на 2016-2021 год. беше под кураторство на Јасминка Намичева, советник кустос архитект во Музеј на Град Скопје, додека за целокупната координација на проектот „КреАрт“ за Град Скопје беше одговорна Адријана Божиноска. Следни активности во рамките на концептот „Калеидоскоп“ се изложбата на илустрации „Помеѓу сонот и зборот“ на Наташа Андонова на 5 април и Детска стрип работилница со Владимир Благојевиќ на 6 април во галеријата на МКЦ.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 74, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 27-28 март 2021)


