Европа пред „рестартирање“: Фон дер Лајен откри што има во планот
На следниот формален самит на Европската Унија (ЕУ) во март ќе биде претставен акциониот план „Една Европа, еден пазар“, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа додаде дека планот ќе биде претставен со детални рокови и цели за зајакнување и обединување на европската економија, а исто така оцени дека Европскиот систем за трговија со емисии (ETS) има јасни предности и механизми за контрола на цените на јаглеродот.
Препорачано
Според Euronews, Фон дер Лајен на прес-конференцијата по самитот на лидерите на ЕУ изјави дека акциониот план содржи пет клучни области – административно поедноставување, единствен пазар, енергија, дигитализација и трговија. Во март, комисијата ќе презентира детален план за понатамошен развој на единствениот пазар од 450 милиони потрошувачи, вклучително и унија на пазарот на капитал што би овозможила попродуктивно користење на околу 10 трилиони евра заштеди што моментално се наоѓаат на банкарски сметки, објави Ројтерс- пренесе Б92.
Зборувајќи за ETS, претседателката на ЕК нагласи дека системот има елементи што овозможуваат модулација на цената на јаглеродот во случај на нејзин прекумерен раст или неповолни економски околности, преку таканаречената „резерва за стабилност на пазарот“. Фон дер Лајен додаде дека ЕУ детално ќе ги разгледа овие елементи во рамките на планираниот преглед на ETS, кој е закажан за третиот квартал од оваа година, така што системот ќе остане ефикасен и прилагодлив на актуелните економски и климатски предизвици. Европските лидери се состанаа на неформален самит во комплексот Алден Бизен во белгиската покраина Лимбург, а фокусот на разговорот беше конкурентноста на европската економија. Еден ден претходно, на индустрискиот самит во Антверпен, претставниците на европската индустрија ги презентираа своите приоритети пред врвните претставници на ЕУ, барајќи пониски цени на енергијата, намалени регулаторни оптоварувања и посилна конкурентност во однос на Кина и САД.


