Герхард Шредер
Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер / Фото: EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

ЕУ не го прифаќа Шредер за посредник во разговори со Кремљ, го смета за лобист на руски државни компании

Првин, ако ѝ дадеме на Русија право да назначува преговарач во наше име, тоа не би било многу мудро. Второ, мислам дека Герхард Шредер фактички беше лобист на високо ниво за руски државни компании, рече шефицата на европската дипломатија, Каја Калас.

Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денеска ја отфрли можноста поранешниот германски канцелар Герхард Шредер да биде назначен за преговарач на блокот во евентуални мировни разговори за Украина, објави „Јуроњуз“.

Рускиот претседател Владимир Путин во саботата предложи Шредер да дејствува како европски посредник во идни преговори, тврдејќи дека конфликтот „се движи кон крајот“.

Меѓутоа, Калас го отфрли предлогот во изјава за новинарите пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

– Првин, ако ѝ дадеме на Русија право да назначува преговарач во наше име, тоа не би било многу мудро. Второ, мислам дека Герхард Шредер фактички беше лобист на високо ниво за руски државни компании – рече Калас.

На војната во Украина ѝ се ближи крајот, вели Путин

Шефицата на европската дипломатија додаде дека претпочитањето на Путин за Шредер би значело дека „тој фактички би седел на двете страни од масата“.

Шредер одржува блиски врски со Путин откако ја напушти функцијата. До 2022 година беше член на одборот на рускиот нафтен гигант „Роснефт“, а имаше и функции во други руски државни енергетски компании, меѓу кои „Норд стрим АГ“ и „Газпром“.

Предлогот на Путин беше отфрлен и од Украина, а низ Европа наиде на мешани реакции.

Запрашан денеска дали Киев го поддржува Шредер како можен посредник, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха одговори: „Не, не го поддржуваме“.

Во меѓувреме, портпаролот за надворешни работи на германската Социјалдемократска партија во парламентот, Адис Ахметовиќ, изјави дека предлогот треба „внимателно да се разгледа“ заедно со европските партнери, според германскиот медиум „Шпигел“.

Марта Кос: „Во ЕУ има место за сите земји од Западен Балкан“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот