ЕУ бара од Анкара да го почитува договореното, Ердоган ги условува Европјаните

Европската страна наведува дека Унијата во целост се придржува до Договорот од 2016 година, што предвидува шест милијарди евра за хуманитарна помош на бегалците, од кои, според Брисел, се лоцирани 4,7 милијарди и веќе се платени 2,3 милијарди.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган  во Брисел со функционерите на ЕУ разговара за проблемот со мигрантите.

Во пресрет на средбата претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, порача дека Турција мора да ги помести бегалците од грчката граница, и да го намали притисокот врз Грција Самиор. Ситуацијата меѓу Турција и ЕУ стана исклучително напната откако Ердоган објави дека Турција ги отвора границите за мигрантите на својата територија и ги пушта кон ЕУ.

До посетата на Ердоган на Брисел доаѓа по серијата состаноци кои ЕУ ги организираше поради ескалацијата на мигрантскиот бран на турско грчката граница. ЕУ во повеќе наврати ѝ забележа на Турција дека не се придржува кон Договорот за мигрантите потпишан меѓу Брисел и Анкара во 2016 година, со кој Турција е обврзана да го сопре приливот на бегалците кон границите на ЕУ, а за возврат да добие одредени финансиски средства за спроведување на таа операција.

Брисел потсетува дека Унијата во потполност се придржува кон договорот од 2016 година, кој предвидува 6 милијарди евра финансиски средства за хуманитарна помош за Турција да ги згрижи околу четирите милиони бегалци во своите кампови. Брисел соопшти дека од овие пари 2,3 милијарди евра веќе се исплатени, а намената на останатите 4,7 милијарди се веќе утврдени. Од друга страна Европа, односно нејзината граница на Грција со Турција изминативе недели се соочува со голем бегалски бран, што укажува дека Турција не се придржува кон овој договор.

Освен мигрантската криза, ЕУ со Анкара има голем број отворени прашања меѓу кои и турските бушења на нафта и гас во близина на крајбрежјето на Кипар, кои Брисел ги оцени како нелегални и воведе санкции кон Турција.

Во пресрет на денешниот состанок во Брисел, Ердоган пред два дена разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел.

Турција останува на ставот дека ЕУ не се придржува кон договорот, и дека ќе затвори границата откако ЕУ ќе ги поддржи турските иницијативи во Сирија. Имено Ердоган бара поддршка за турската политика во Сирија, и ревизија на договорот со Брисел, жестоко обвинувајќи ги грчките власти дека го кршат договорот. Ердоган денеска во Брисел бара дополнителни средства, инаку ќе ги остави отворени границите и ќе предизвика нов бегалски бран. Од друга страна на маса останува и турското барање за либерализација на визите за турските граѓани во европските земји, нешто што засега Брисел одбива.

Голем проблем остануваат и заложбите на Анкара во близина на кипарското крајбрежје да започне со ископување на нафта и гас, како и распоредувањето на своите воени сили во Либија, нешто што засега е неприфатливо за Европа, пред се за нејзината членка Грција, која со ова барање се чувствува загрозена, Се дотогаш Ердоган ќе го држи мигрантскиот бран како оружје за постигнување на своите цели.

Се чини дека Ердоган откако не успеа да ја протурка својата намера и затскриен од лабавото сојузништво со Москва, во Сирија да освои поголем дел територија, сега се обидува да ја условува Европа. Бара поддршка и од ЕУ и од НАТО тие да се приклучат и да му дадат поддршка за политиката во Сирија. Ваквиот политички маневар не му успеа во преговорите со Путин, кога рускиот претседател неодамна јасно му стави до знаење дека Сирија е  руска интересна зона и Анкара нема што да бара таму. Сега Ердоган повикувајќи се на членството на НАТО очекува поддршка од алијансата да му помогне во остварувањето на своите цели во Сирија. Од ЕУ пак бара дополнителни средства, па засега е нејасно дали доколку се испазари ќе го запре бегалскиот бран. За тоа каква полза ќе извојува Анкара од овој политички маневар останува ставот на Вашингтон. Имено САД засега немаат некоја силна иницијатива околу бегалскиот бран оставајќи, барем засега тоа да го решат засегнатите Европјани.

САД засега ја поддржуваат Грција оценувајќи дека Атина има право да си ги заштити границите. Во меѓувреме Кипар најави дека ќе испрати војска на грчко–турската копнена граница. Целта е да ѝ помогне на Грција да се справи со напливот на мигранти кои доаѓаат од турска територија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот