ЕП: Одбојкарите поразени на стартот од Финска (ФОТО) – Слободен печат
ОстанатoСпорт

ЕП: Одбојкарите поразени на стартот од Финска (ФОТО)

Во првото коло на дебитантското Европско првенство, најдобрата македонска одбојкарска репрезентација загуби со 3:1 во рамките од Ц групата.

Денеска во арената „Стожице“ избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ во својот прв историски меч на континенталните собири се покажаа во едно добро издание, не се предаваа до самиот крај против Финците кои на крајот сепак се радуваа на победата.

Во првите два сета имавме убава предност од 3-4 поени разлика, но како да се „исплашивме“, во лош момент паѓаше концентрацијата, се правеа непотребни грешки и тоа знаеја како да го искористат Финците.

На трибините повеќе имаше фински навивачи, но и малубројна публика од македонски навивачи кои ги бодреа нашите одбојкари. Можевме многу лесно да поведеме со 1:0, нашите најдобри одбојкари имаа предност од 20:16, но на крајот им дозволија на противниците да направат пресврт и го освојат сетот со 25:23.

cev.eu

И во вториот сет имавме убава предност од три поени предност (11:14), но повторно се стопи нашата позитива, а финската селекција одржуваше предност до самиот крај на сетот освојувајќи го 25:22. Конечно во третиот сет, се надминаа нашите одбојкари, постојано водеа и на крајот бевме подобри со 25:23, наш прв освоен сет на европските шампионати.

Во четвртиот сет исто така имавме рамноправна борба, иако поведоа на стартот противниците со 6:2. Но, направивме серија за враќање во игра и минимален од 9:8, па следуваше пад на концентрацијата. Финска одново се врати во позитива која до крајот не ја испушти и дојде до првиот триумф, можеби и за нив важен во трката за една од првите четири позиции на табелата.

cev.eu

По 14 поени имаа Александар Љафтов, Никола Ѓоргиев и Ристо Николов, а на спротивната страна Урпо Сивула реализираше три повеќе. Претходно бранителот на европската титула Русија со 3:1 беше подобра од Турција. В петок од 17.30 часот ќе го играме вториот натпревар против Турците и нова шанса да стигнеме и до прва историска победа на ЕП.

Европско првенство 2019
(Арена „Стожице“ – Љубљана, Словенија)

Група Ц, 1. коло (резултати) –

Турција-Русија 1:3 (13:25, 25:23, 17:25, 15:25)
Македонија-Финска 1:3 (23:25, 22:25, 25:23, 21:25)
Словенија-Белорусија 3:0 (25:17, 25:14, 25:19)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close