Емотивна приказна за Милка Ефтимова – оперската дива последните денови ги помина во дом за стари
Емотивна приказна за Милка Ефтимова, оперската примадона која почина лани, раскажа нејзина блиска личност.
Препорачано
„Денес се навршуваат 90 години од раѓањето на оперската примадона Милка Ефтимова. Во нејзина чест, да се потсетиме на книгата која по повод нејзиниот 85-ти роденден ја направивме Снежана Анастасова Чадиковска и јас. На 400 страници, со 1.400 фотографии, го претставивме целиот нејзин живот. Вечен спомен, драга моја, и фала ти“, напиша професорот и музички публицист д-р Александар Трајковски.
Примадоната Милка Ефтимова почина на 89-годишна возраст во Скопје, на 13 август 2025 година.
Родена во Радовиш во 1936 година, Ефтимова беше симбол на професионализмот и страста кон музиката. Своето оперско деби го имаше во 1961 година, во улогата на Ацучена во „Трубадур“ од Верди. Во текот на повеќе од три децении кариера настапи во над 40 оперски улоги, а нејзиниот моќен глас одекнуваше на сцените во над 20 земји. Покрај оперските настапи, зад себе остави и бројни концерти и рецитали.
Во Домот за стари лица, каде што Ефтимова ги помина последните години од животот, ѝ беше организирана прослава по повод 89-от роденден, на која со музика и емоции ѝ беше оддадена почит за нејзиниот долгогодишен придонес.
На роденденот роденденска песна ѝ испеа нејзината ученичка Весна Ѓиновска-Илкова. Ѓиновска-Илкова, заедно со уште неколку блиски пријатели, ја изненади со торта во домот.
При крајот на 2023 година во Скопје беше организирана изложба на нејзините лични предмети, кои ги донираше на Музејот на македонската борба.
Во музејот беа изложени нејзини фустани во кои настапувала, плакети, фотографии и награди, а на настанот присуствуваше и самата Ефтимова.


