Трофеј за Светско првенство/EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Експерти ја предупредуваат ФИФА: Здравјето на фудбалерите на Мундијалот може да биде загрозено

Група водечки светски научници испрати предупредување до ФИФА дека актуелните мерки за заштита од високи температури за време на Светското првенство во 2026 година се недоволни и дека здравјето на фудбалерите би можело сериозно да биде загрозено.

Во писмото, меѓународни експерти за здравје, клима и спортски перформанси посочуваат дека насоките на светската куќа на фудбалот не се во согласност со најновите научни сознанија и оценуваат дека таквите мерки е „невозможно да се оправдаат“.

Научниците бараат од ФИФА да воведе посеопфатни мерки за заштита, меѓу кои подолги паузи за разладување и освежување, како и појасни протоколи за одложување или промена на термините на натпреварите во услови на екстремни горештини.

Според најавите, високите температури би можеле да бидат еден од најголемите проблеми на шампионатот кој ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Истражувачите предупредуваат дека температурите на дури 14 од 16 стадиони домаќини би можеле да бидат над границите што се сметаат за опасни.

Во делови од југот на САД и северниот дел на Мексико, просечните дневни температури најчесто се движат меѓу 30 и 35 степени, но за време на топлотни бранови можат да достигнат и околу 40 степени Целзиусови.

Ако се земат предвид температурата, влажноста на воздухот, брзината на ветерот и силното сончево зрачење, фудбалерите ќе бидат изложени на сериозен ризик од екстремен топлотен стрес.

Од ФИФА порачаа дека остануваат посветени на заштитата на здравјето и безбедноста на играчите, судиите, навивачите, волонтерите и персоналот, додавајќи дека временските ризици се дел од подготовките за организација на Светското првенство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот