ЕКСКЛУЗИВНО | Истражување на „Брима“: Како ќе се гласа ако утре има парламентарни избори

Редовниот политички барометар на агенцијата „Брима“ за политичките ставови на населението во Република Северна Македонија во пресрет на локалните избори во државата е теренско истражување, спроведено во периодот од 27 август до 9 септември годинава на национално репрезентативен примерок (анкетата е направена според методот лице-в-лице, во домот на испитаникот), со запазаување на сите демографски карактеристики на популација од 18+ години во државата, во која се опфатени 1.201 испитаници. Резултатите се со маргина на грешка од +/- 2,8%.
Со оглед на актуелната изборна реалност во државата, на генералното прашање „Доколку се одржат парламентарни избори денес, за која политичка партија или коалиција ќе гласате?“, резултатите се следни:
За СДСМ би гласале 19,5% од испитаниците, а за ВМРО-ДПМНЕ 17,5%. За ДУИ се определиле 7,2%, а за Алијанса за Албанците 6%. Од анкетираните, за Движењето БЕСА се определиле 4,7%, колку и за Левица (4,7%), а последна со рејтинг од над 1% е ДПА за која би гласале 1,1% од анкетираните. Сите други партии се под 1% поддршка меѓу интервјуираните гласачи во ова истражување.
Сепак, неизвесноста останува со оглед на тоа што 3,7% од анкетираните изјавиле дека нема да гласаат или „ќе пуштат неважечко ливче“ на изборите, други 12,7% сѐ уште не одлучиле за кого ќе гласаат, дека нема да гласаат се изјасниле 9,3% анкетирани, оние кои не знаат дали ќе гласаат се 3,7%, а оние кои одбиле да одговорат на ова прашање се 7,3% од испитаниците. Вкупниот скор на сите овие категории ближи високи 40% од анкетираните.
Но, во овој августовско-септемврики бран на омнибус истражувањето на „Брима“ дополнително беа вклучени прашања во врска со излезноста на претстојните локални избори. Во овој момент, пред официјалниот почеток на политичките кампањи, 44,2% од анкетираните се изјаснуваат дека „многу веројатно“ дека ќе излезат и ќе гласаат на локалните избори, а 30.5% дека „веројатно ќе излезат“.