Една од најзадолжените општини-Тетово за 10 милиони евра ќе гради нов градски и помошен стадион

Градскиот стадион во Тетово/ Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Општина Тетово преку Јавното претпријатие „Тетово Транспорт“ распиша тендер за изградба и реконструкција на спортски објекти, почнувајќи од градскиот стадион.

Се работи за инвестиција од 10 милиони евра, пари кои ќе бидат наменети и за помошен стадион во тетовското село Сараќино и изградба на спортско – рекреативен центар. Во првата фаза од проектот е предвидено идејното решение за реконструкција на градскиот стадион.

Идејниот проект ќе се подготвува со запазување на стандардите на УЕФА за инфраструктура на стадионите и препораките за изградба на нови објекти и реконструкција на постојните.

Како што посочи првиот човек на Општина Тетово Билал Касами, земени се предвид и одредбите од регулативата за инфраструктурата на стадионите во Македонија од страна на Фудбалската федерација на Македонија.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

– Денеска се собравме овде да ги споделиме со вас информациите за еден важен чекор кон унапредување на спортската инфраструктура во нашиот град. Чекор кон решавање на еден проблем, за кој во минатото многупати се ветуваше во изборните кампањи на нашите политички ривали, но истите тие потоа немаа капацитет да го реализираат или не сакале затоа што не можеле лично да остварат профит. Предметот на договорот за јавна набавка е со проценета вредност од околу 600 милиони денари или околу 10 милиони евра. Овој проект е конкретен пример за нашата посветеност во развојот на спортската инфраструктура и создавање на соодветни капацитети за рекреација на нашите граѓани. Овој тендер ќе биде отворен до 22 декември 2023 година, а времетраењето на договорот е предвидено да биде во период од 36 месеци, рече Касами.

Сите три спортски објекти ќе бидат општински. По изградбата допрва локалната самоуправа ќе одлучува дали истите ќе ги даде под концесија или пак општината ќе ги менаџира. Касами кажа дека општината нема да се задолжува за овој капитален проект, туку парите ќе ги обезбеди преку домаќинско работење на општината.

– Овој проект ја одразува нашата посветеност да го зголемиме квалитетот на животот на нашите граѓани преку инвестирање во спорт и рекреација. За крај, сакам да испратам порака до политичките противници кои постојано ни прават притисоци и се занимаваат само со тоа како да не оцрнат како локална власт. Ние ја спроведуваме нашата програма точка по точка. Општина Тетово не работи ништо тајно, секој наш проект е транспарентен и на маса. Сакаме Тетово да биде достоен град за сите граѓани кои живеат овде. Ние сме тука само за да спроведуваме проекти и да ги исполнуваме ветувањата кои сме ги дале на граѓаните, рече Касами.

Неодамна тетовскиот градоначалник посочи дека општината е во долг од 10 милиони евра, а ЈКП Тетово исто така должи 10 милиони евра кон повеќе доверители.

– Долгот за изминативе две години успеваме да го намалиме за 6 милиони евра, дополни тој, што е значајно за општината да се зафати со сериозни капитални инвестиции.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот