Џигал: Заев и Мицкоски се истрошија со напади, а граѓаните очекуваат идеи

Фото: Архива

Лидерите на владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски на синоќешниот дуел најмногу им се обраќаа на своите поддржувачи, како да сакаат да ги зацврстат „сигурните гласови“ за претстојните локални избори, наместо да се обратат на поширока публика за да ги привлечат неопределените гласачи, оценува комуникологот Сеаг Џигал за „Слободен печат“. Според него, и овој ТВ дуел ја задржа традицијата на негативен политички наратив, со напади кон актуелната власт, но и кон опозицијата, односно кон потезите на претходната власт.

– Атмосферата беше деструктивна, со напади и контранапади. Точно е дека се очекува жестокост во ставовите во еден таков дуел на врвни политички лидери и во ред е да има спротивставени мислења, ставови и критики, но би требало да почне да се негува еден поинаков амбиент, во кој критиките на потезите на власта ќе бидат придружени и со конструктивни предлози. Лидерите заборавија дека со нивната конструктивност го мотивираат граѓанинот да остане пред ТВ да го проследи дуелот докрај, но и да се мотивира самиот да биде проактивен во општеството. Бидејќи, не е победа ако го понижиш противникот. Граѓаните очекуваат да слушнат идеи како ним ќе им се подобри животот – вели Џигал за „Слободен печат“.

Тој додава дека партиските лидери, дури и кога се државници, на ваквите дуели не зборуваат како државници, туку како партиски лидери и тоа се повторува со години.

– Не нудат новост, свежина и можеби затоа овие соочувања ја изгубија некогашната атрактивност. Поранешниот премиер не сакаше дуели, овој премиер сака и ги прифаќа, но освен квантитет, потребен е и квалитет, а тоа секако влијае каква реакција ќе предизвикаат по јавните соочувања – вели Џигал.

 

Видео на денот