„Џез во Центарот“ со концерти на „Кантон 6“ и Глигор Кондовски во кафе-книжарницата „Буква“

Во рамки на проектот „Џез во Центарот“ на 21 јули (петок), во кафе-книжарницата „Буква“, со концерт во живо ќе настапат реномираните домашни автори и изведувачи, бендот „Кантон 6“ и Глигор Кондовски, музичари кои соработуваат и издаваат за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“ и „ПМГ Џез“.

– Проектот „Џез во Центарот“ е насочен кон музичко оплеменување на градските-центарски катчиња, оние места кои секојдневно ги одминуваме брзајќи некаде. Прекрасни скопски исечоци, полни со вибрантен дух и скриена убавина, вредна за внимание. Ова лето, во соработка со Општина Центар, музички го мапираме јадрото на урбаниот градски центар, простор совршен за пријатни средби, летни дискусии и, секако, уживање во музика. Простор блокиран од напуштени кина, недовршени цркви и амбициозни паркинзи. Простор кој има потенцијал за развој. Кафе-книжарницата „Буква“ се наоѓа токму таму, зад „Кино Култура“, црквата Св. Константин и Елена, паркингот на Собрание и поранешниот Дом на АРМ. Простор со автентична атмосфера, свратилиште на бројни уметници, студенти, креативци и граѓани заинтересирани за различни културни содржини – истакнуваат организаторите на настанот.

Во просторот на „Буква“ со концертите на „Кантон 6“ и Глигор Кондовски, проектот „Џез во Центарот“ ќе се обиде да ја доближи до граѓаните квалитетната џез, етно и современа музика од домашни музичари. Проектот се реализира од Здружението за развој на музичка култура „ПМГ Рекордингс 2.0“, со поддршка на Општина Центар. Влезот на концертот е бесплатен.

„Кантон 6“ е пионерски музички проект кој датира од 2000-та година, предвесник на инди-техно-рок кросоверот во земјава, развиен од Мирко Попов и Синиша Евтимов. Со бројни сингл и ЕП-изданија и четири студиски албуми во овој состав, „Кантон 6“ се трансформира во вистинска лајв – електро атракција.

„Кантон 6“

Од 2019 година „Кантон 6“ активно работи како трио во соработка со џез-музичарот Владан Дробицки. Со впечатлив настап во живо, „Кантон 6“ како електро-џез-етно состав создаваат современа музика инспирирана од автохтониот македонски ритам. Истата година соработуваат со „ГербрудерТеихман“ од Берлин, со кои издаваат албум во живо со наслов „Interactive Music Lab (Skopje Session)“. Во 2021 година го издаваат нивниот последен студиски албум „Jazzus“.

Глигор Кондовски

Глигор Кондовски е дипломиран виолинист и магистер по филмско и ТВ сценарио кој работи како професор по виолина. Покрај успешната педагошка работа, во портфолиото на Кондовски се запишани шест албуми со амбиентална џез-музика и бројни претставувања во земјата и регионот со музички композиции, кратки и документарни филмови.

Зад себе има три музички изданија (албуми) за „ПМГ Џез“, еден соло и два во соработка со колегите автори и изведувачи Владан Дробицки, Марија Каева и Дени Омерагиќ. Покрај музичкото творештво, Кондовски има реализирано и три самостојни изложби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот