Џамиите и црквите на најгласно, нервите на граѓаните на најтенко, а надлежните само опоменуваат

Џамијата во Нерези/Фото: Јовица Тасевски Етернијан

Поетот Јовица Тасевски деновиве реагираше дека повиците од минарето на џамијата во Долно Нерези се неподносливо гласни и бара Општина Карпош да издаде решение за отстранување на звучниците, а од локалната самоуправа најавија дека ќе ангажираат фирма што ќе изврши мерење на бучавата

Неподнослива бучава од џамијата во Долно Нерези ги вознемирува жителите во оваа скопска населба и во поширокиот реон, па бараат надлежните во Општина Карпош да превземат соодветни мерки за да се демонтираат звучниците од минарето.

Поетот, книжевниот критичар и есеист Јовица Тасевски деновиве се обрати до јавноста за овој проблем во неговата населба, со што повторно се актуелизираше вечната тема за која надлежните со децении немаат решение – прегласните звуци што доаѓаат од верските објекти и ги вознемируваат граѓаните и дење и ноќе.

И во другите делови од Скопје жителите постојано се вознемирени од звуците на џамиите и на црквите, кои се стотици на број и се изградени во густи урбани средини. Ѕвоната на камбаните на многу цркви бијат на секој час, а за време на поголемите христијански празници литиргиите и црковната музика се пуштаат на звучници и се слушаат во поширок реон.

Џамиите пак, на минарињата имаат инсталирани звучници на кои многу гласно се пуштаат повиците на оците  уште пред разденување, а често ги пуштаат молитвите и несинхронизиранио, па се создава мешавина од звуци што одекнува низ целата Скопска котлина.

Скопјани често коментираат на социјалните мрежи дека имаат почит кон сите вери, но бараат и верските објекти да ги почитуваат нив, нивните сон, спокој и здравје и да бидат потивки, во рамките на пристојноста, ама и на законот.

Карпош ќе ја измери гласноста на џамијата во Нерези

Поетот Тасевски во писмото испратено до медиумите пишува дека  инсталираните звучни уреди на џамијата која беше изградена во 2005 година во  Долно Нерези предизвикуваат непријатност и вознемирување.

– Џамијата со минаре во населбата Долно Нерези, како објект во кој се употребуваат звучни уреди подлежи на одредбите од Законот за заштита од бучавата и како сите други правни и физички лица треба да ги почитува. Наспроти ова, звучните уреди на овој објект се активни повеќе пати во денот со максимален интезитет и создаваат бучава во околината што предизвикува непријатност и вознемирување на жителите во Долно Нерези и пошироко, во населбите Тафталиџе 2 и Карпош 4. Инсталирањето и секојдневната употреба на звучниците со голема моќност што го надминува дозволениот интезитет е во спротивнот со претходно потпишаната изјава на претседателот на одборот за изградба на џамијата заверана на нотар дека во објектот нема да се постават звучници, кога во 2005 година истата претставуваше нелегален објект и на седница на Советот на Општина Карпош требаше да се изгласа деталниот урбанистички план со кој џамијата се легализира – пишува Тасевски.

Тој бара Општина Карпош да издаде решение за демонтирање на звучниците како извор на бучава. Од локалната самоуправа му одговориле дека  комуналниот инспектор ја известил Исламската верска заедница и дека ќе се пристапи кон решавање на проблемот.

Од Општина Карпош за „Слободен печат“ велат дека ќе ја измерат бучавата од џамијата.

– Овластениот инспектор за животна средина неколку пати разговараше со одговорните лица на џамијата и испрати допис до ИВЗ на 30.8.2021 година. За жал, досега не добивме никаков одговор од нивна страна. По пријава од граѓанин на 26.5.2023 година Општина Карпош ќе ангажира овластена лиценцирана фирма и ќе издаде налог да се изврши мерење на нивото на бучавата на животна средина. По извршеното мерење ќе постапи согласно резултатите – велат од Општина Карпош.

Ефенди Исмаили: Џамијата во Нерези е со минимална гласност

Скопскиот муфтија ефенди Ќенан Исмаили вела дека досега кај нив во муфтиството не стигнала ниту една поплака за бучава од џамиите, а тие како муфтиство побарале конкретно џамијата во Долно Нерези да ги пушта повиците за молитва со минимална гласност, затоа што и во претходните години имало поплаки од граѓаните испратени во Општината Карпош, па на состаноците со претхпдниот градоначалник било договорено звучниците да бидат пуштени на најтивко можно.

– Договоривме и првиот езан рано наутро да не се учи во таа џамија. Според напшата религија треба да се учи, да се повикува, но ние решивме да не се пушта на звучниците за да не се вознемируваат жителите. Повиците за поклонување во останатите периоди на денот треба да се пуштаат со минимална гласност – вели ефенди Исмаили за „Слободен печат“.

Во врска со тоа дека повеќе џамии рано наутро на разглас ги пуштаат повиците, па се создава какафонија од измешани звуци ефенди Исмаили вели дека гласноста на повиците се определува со договор меѓу верниците и одборите на џамиите.

– Сите џамии имаат исто време на пуштање. Секоја џамија има одбор и се договараат со верниците, на пример има џамии каде верниците живеат подалеку и не ги слушаат повиците, па таму пуштаат погласно, а има џамии кои се блиску една до друга и тие пуштаат потивко, за да не се мешаат звуците. На пример џамијата во Чаир се наоѓа меѓу станбени згради, па звуците се одбиваат од објектите и се создава ехо ако е прегласно, па таа џамија повиците ги пушта тивко – вели ефенди Исмаили.

Во скопското муфтиство има 155 џамии.

Сотировски: Општеството мора да созрева

Од Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи велат дека тие иако не се енадлежни за овој проблем, сепак и до нив стигнуваат поплаки од граѓаните за прегласните звуци од верските објекти, па ги упатуваат или да пријават во полиција за нарушување на јавниот ред и мир доколку бучавата е во недозволено време или да се пожалат во општината на чија територија е верскиот објект, па комуналните инспектори да постапат согласно законските овластувања.

Директорот на Комисијата Даријан Сотировски за „Слободен пелат“ вели дека слободата на манифестирање на својата вера и практикувањето на обредните традиции се граѓански слободи и права, кои иако се неприкосновени и гарантирани, не смее да се користат спротивно на правата и слободите на другите.

– Во минатото повиците за молитва се извршувале од човек верски службеник, а денес од софистицирани разгласни уреди. Оттаму, суштината е во упатениот повик за молитва или споделената молитва, а никако во нејзината гласност. Верникот пред еден век не бил по ништо помал од денешниот кој живее во ера на висока технологија. Потребно е јакнење на свесноста кај џамиските одбори дека растат негодувањата кај населението, и христијанско и муслиманско и останато, а тоа не е добро, ниту игнорирањето некому оди во прилог – вели Сотировски.

Даријан Сотировски

Општините и полицијата, додава тој, покажуваат толеранција и разбирање и најчесто нивните овластувања ги користат за опомена, а не за казнување.

– Ова говори за внимателниот однос на институциите кон чувствата на граѓаните, но општеството мора да созрева. ИВЗ во досегашните разговори околу ова прашање заземала конструктивен став, истиот треба да се преслика и во работењето на џамиските одбори при муфтиствата во државата – вели Сотировски.

Од силна бучава се умира

Бучавата е загадувач на животната средина и е опасна за здравјето на луѓето, па затоа се пропишани дневни, вечерни, ноќи и вкупни нивоа што не смеат да се пречекоруваат.

Во подрачје од прв степен дневното и вечерното ниво не смее да надминува 50 децибели, а ноќното 40, а во подрачје од втор степен дневното и вечерното ниво не смее да надминува 55 децибели, а ноќното 45. Денот е од 7 до 19 часот, вечерта е од 19 до 23, а ноќта е од 23 до 7 часот.

Времето за пладневен одмор е од 15 до 18 часот и во овој период важат граничните вредности исто како за ноќта. Мирот на граѓаните се смета за нарушен ако звуците од кој било извор ги надминуваат овие вредности, а полицијата може да го казни изворот со прошишана глоба од 200 до 1.000 евра.

– Главни причинители на бучава во животната средина се превозните средства во патниот, железничкиот и воздушниот сообраќај и индустриските инсталации. Особено значајна и специфична за Македонија е бучавата од градежните активности, соседството и бучавата предизвикана од друга самостојна звучна опрема, како што е бучавата од верските објекти – се констатира во Извештајот за животната средина за 2021 година изготвен од Министерството за животна средина.

Во документот е наведено дека бучавата има многу директни и индректни негативни ефекти врз здравјето на луѓето, а може да доведе и до предвремена смртност.

– Врз основа на студии направени од страна на Институтот за јавно здравје, најчесто како последица на зголемено ниво на бучава се јавува нарушување на спиењето, вознемиреност, оштетување на слухот, кардиоваскуларни проблеми и влијание врз психофизичката состојба. Најголем број на населението има чувство на непријатност што вклучува вознемиреност и нарушување на сонот. Помал број на население изложено на зголемено ниво на бучава има реакции на стрес, а како резултат на ова може да се очекуваат различни ризик фактори за здравјето како зголемен крвен притисок, холестерол и друго. Кај релативно мал дел на населението овие промени може да предизвикаат други клинички симптоми како несоница и кардиоваскуларни болести кои потоа, како последица, може да доведат до зголемување на стапките на предвремена смртност – се вели во Извештајот.

За заштита од бучава Министерството и општините имаат законска обврска да направат стратешки карти за бучава, но се уште не се изработени за агломерациите, главните патишта, аеродромите, населените места и за подрачјата од посебен интерес, па институциите немаат можност да го прикажат проценетиот број на станови, училишта, болници и жители изложени на различни нивоа на бучава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот