Две третини од туристичките водичи во Охрид уште не ја добиле државната помош, се жали нивното здружение

Охрид, / Фото: Драган Митрески/Слободен печат

Државната помош од шестиoт пакет мерки сѐ уште не ја добиле околу 70 отсто од туристичките водичи, објави Алсат, пренесувајќи го ставот на Здружението на туристички водичи од Охрид, Оттаму велат дека само на една третина од 130 водичи, им легнале на сметките околу 500 евра.

„На еден голем дел од туристичките водичи кои исполнуваа услови за добивање на помош од државата и ден денеска, после два и пол месеци истата нема стигнато до нив. Наведени се доста причини кои ако ги анализираме навистина се банални. Дали тоа е детски додаток, дали е добивање некоја помош, што на некои од од колешките законски им следува за добивање финансиска помош за трето дете“, вели Климент Наумов, претседател на здружение на туристчки водичи.

На некои како причина зошто не добиле помош им било речено дека веќе добиле пари со четвртиот пакет мерки и оти поради тоа биле иземени од шестиот пакет. Според Наумов, ако мерката важи за сите туристички водичи, сите треба и да добијат помош. Се жалат и од туристичките агенции. Некои од нив добиле само дел од ветената државна помош.

„Ние сме А лиценцирана агенција. Јас конкретно сите услови ги исполнив, но наместо 300.000 денари, помош стигна 180.000 денари. И голем дел од А лиценцирани агенции истиот износ го добија. Колегите мои со А лиценца реагираа до владата. Прво не знаеја што да им одговорат. На крај дека наводно е случена некоја техничка грешка и дека тоа ќе се исправи. Досега тоа не е случено. И овие пари кои ги добивме се условени. Доколку останеме со истиот број на вработени враќаме 30% од износот кој ни е платен. Доколку намалиме дел од вработените враќаме 50%“, рече Биљана Менкиноска, сопственичка на туристичка агенција.

И дел од хотелиерите се соочуваат со ваква ситуација.

„Сѐ уште ние немаме помош добиено за април, кога бевме затворени“, вели Ерхан Папранику, менаџер на хотел во Струга.

Папранику вели дека иако е веќе одобрена помошта, им било речено дека ќе биде исплатена после изборите. Од Министерството за економија велат дека сите барања за субвенции за туристички водичи кои биле одобрени се исплатени како и субвенциите за туристичките агенции. До Министерството пристигнале неколку поплаки од туристички агенции кои биле испратени во Владата за проверка. Констатирано било дека износот за помошта е точен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот