Profimedia
Фото: Профимедиа

Две Бугарки „оперирале“ низ Скопје: краделе паричници и ваделе пари од туѓи сметки

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против две државјанки на Република Бугарија кои се осомничени за повеќекратни кражби и за злоупотреба на украдени банкарски картички на подрачјето на Скопје.

Првата осомничена во пет наврати, од кои последниот пат заедно со второосомничената, крадела паричници од различни луѓе, во кои покрај пари имало и банкарски картички од кои потоа се обидувале да повлечат уште пар.

„Така на 4 април 2025 година, во автобус бр.7 на ЈСП-Скопје, на релација од поликлиника Букурешт до Рекорд, осомничената украла паричник во кој имало 2.600 денари, банкарска картичка и други документи, а кога оштетениот се јавил да ја блокира сметката од банка му кажале дека од банкомат веќе му биле подигнати 30.000 денари. Во текот на август 2025, во трговски центар во Скопје, трипати вршела кражби на паричници во кои имало документи, картички, пари и други вредни предмети со што првично прибавила противправна имотна корист од 39.000 денари. Потоа од картичките се обидувала да извлече уште пари, што кај една оштетена и успеало и од банкомат на двапати и повлекла од сметката вкупно 60.000 денари. Последниот пат на 4 јануари 2026 година двете осомничени заедно, повторно во продажен објект на трговски центар, украле паричник од оштетена и други предмети во вкупна вредност од 3.000 денари, а потоа двапати неуспешно се обидувале од банкомат да повлечат пари од сметката на оштетената,“ соопшти Обвинителството.

Бидејќи во конкретниот случај постојат индиции дека осомничените во двата успешни обиди за повлекување пари од украдените картички користеле ПИН кодови кои жртвите, повозрасни луѓе, ги чувале запишани во своите паричници, јавниот обвинител презема дејствија за да испита дали осомничените исполниле и елементи на кривично дело – Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем.

За осомничените е предложена мерка притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот