Дванаесет стихозбирки влегоа во поширок избор за наградата „Антево перо“

Плакат на поетско-културната манифестација „Анте Поповски - Антево перо“

Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски „Антево перо“, како организатор на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“, изразува голема благодарност до сите учесници што зедоа учество на Конкурсот за седмото доделување на наградата „Антево перо“ за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик.

На Конкурсот пристигнале 75 поетски збирки кои имаат разноликост, креативност и особена автентичност и уникатност во поетскиот израз од автори од Северна Македонија, Италија, Австралија, Србија, Германија, Грција и Канада.

– Она што е особено значајна придобивка и на што сме многу горди и среќни е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски оваа година беа провокација учество да земат и автори од албанската, ромската и другите етнички заедници, што е за поздравување – истакнуваат од манифестацијата „Анте Поповски – Антево перо“.

Комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), во изминатиот период темелно ги разгледувала и анализирала пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, комисијата издвоила 12 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“.

Избрани се следниве автори и стихозбирки: Тони Попов – „Ми се чини дека некаде слушнав дете“; Борче Грозданов – „Акростихови“; Шифра: И камен и цвет – „На каменот“; Пепи Стамков – „Собрани остатоци од светот“; Ирена Бабамова Стојчева – „Сивка: геометрија на болката“; Сашо Димоски – „Музеј на заборавот“; Елизабета Тодороска – „Збирка“; Даниела Андоновска Трајковска – „Царски рез на небото“; Шифра: Цреша – „Скршена тишина“; Шифра: Суштина – „Анатомија на скриената болка“; Агрон Усеини – „Каде што се раѓаат сенките“; и Емилија Матаничкова – „Парченца Македоноверзум“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

Како и минатите години и оваа година комисијата го проследи учеството на младите автори, кои со своите поетски квалитети создаваат мошне силна и голема конкуренција. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, комисијата издвои 11 збирки поезија.

Избрани се следниве автори и стихозбирки: Бунјамил Мефаил – „Бодликави мисли“; Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“; Ива Пуовиќ – „Полет“; Емануела Ковачевска Китановска – „Преписки“; Мартина Костадиноска – „Пијавици“; Нино Наумовски – „Индиго солзи“; Матеја Талеска – „Патот на соништата“; Марија Филоска – „Зад пердето на јазикот“; Дарио Постоловски – „Заемно проникнување“; Евгенија Узунова – „Потрага“; и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса. На следниот состанок, комисијата ќе го стесни изборот за наградите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот