Два протеста против изградбата на висококатницата во Карпош, од Општината тврдат – сѐ е по закон

Фото: О2 иницијатива

Во моментов се одржуваат два протеста против најавената изградба на коплексот висококатници зад бензиската на „Макпетрол“. Едниот се одржува на платото пред СРЦ „Борис Трајковски“ во организација на „Независни за Карпош – За заштита на Карпош“ со подршка на голем дел граѓански организации и здруженија. Другиот протест го организира Левица во близина на градилиштето.

И едните и другите бараат да се поништи, според нив нелигитимното конзерваторското мислење врз кое е издадена градежната дозвола и да се оневозможи изградбата на овој компекс во рамки на заштитена зона.

Од Општина Карпош вчера  ги демантираа наводите на двете независни советнички од „Независни за Карпош“ и на Левица.

Сите работи што ги кажуваат во врска со изградбата на станбениот објект во Карпош 3 до бензиската на Макпетрол, или како што тие ја именуваат како „седумнаесеткатницата“, се неточни, невистинити, обична манипулација и бесчувствителна лага со цел ако може да се украде од народот некој ефтин политички поен. Обична глупост е да се тврди дека оваа зграда ќе се гради на непостоечка локација.Не ни се верува дека ова може да го тврдат лица кои се повеќе од две години советници во општина Карпош кои очигледно по толку голем напор барем нешто да им се објасни од урбанизмот, за жал, ништо не научиле, туку постојано ја пеат истата песна од предизборната кампања во 2021 година. Тие не научиле дека за да се издаде градежна дозвола за било каков објект најпрвин истиот мора да биде предвиден со Генералниот урбанистички план кој го носи Градот Скопје. Во конкретниот случај, на оваа локација со истиот план уште од 2012 година, а кој е во важност до денес е предвидено домување- тврдат од Карпош.

Оттаму велат дека е лага дека издадената градежна дозвола е без согласност од надлежните институции, напротив, дека има  дури четири согласности за оваа локација од надлежното министерствокои се однесуваат на урбанистичкиот план и на идејниот проект кој бил доставен до нив.

На ден 21 ноември 2023 година Управата за заштита на културното наследство издала согласност, а потоа од Националната установа „Конзерваторски центар –Скопје“ тричлена комисија позитивно се изјаснила на 27 декември 2023 година. Потоа и министерството за култура потврдува дека издадените согласности се согласно закон и пропишаниот образец – наведуваат од Општината.

Кај „Букурешт“ ќе се гради пониска зграда од предвидената, ќе има „само“ 17 ката

Оттаму, меѓу другото тврдат дека градоначалникот Стевчо Јакимовски дава  максимален придонес, заедно со стручните служби да се привлечат инвеститори во општина Карпош.

Покрај сите опструкции да се запре развојот на општината, по неуспехот да се блокира Буџетот, се прави уште еден обид преку оваа градежна дозвола издадена по сите законски прописи да се запре било каква инвестициона активност на ова подрачје, а во името на мизерен политички маркетинг. За среќа, покрај нивниот деструктивен однос и разбирлива хистерија, педесет милиони евра ќе се случи инвестиција во Карпош. Со добиените пари за комуналии за оваа градба во 2024 година ќе менуваме азбестни покриви, ќе поправаме лифтови, ќе даваме стипендии на талентирани ученици и спортисти, ќе субвенционираме полагање на возачки дозволи за средношколци, ќе реконструираме фасади, ќе градиме канализации, ќе реновираме училишта и градинки – велат од Карпош.

Граѓанските организации пак тврдат дека  два дела од градежната парцела имаат различен степен на заштита во границите на Споменикот – Воена болница. Северниот дел е со втор степен за заштита и за него е потребно обезбедување конзерваторско одобрение од Управата за заштита на културното наследство, додека јужниот дел од парцелата има режим на заштита од трет степен, па услов за да се обезбеди одобрение за градење е да се добие позитивно мислење од НУ Конзерваторски центар. Според нив, за објектот откако еднаш е издадено негативно, потоа е издадено само позитивно конзерваторско мислење од поранешниот директор, кој сега е во домашен притвор поради соучество во уривањто на објектот „Шар ан“.

Тие се надеваат дека доколку се поништи мислењето ќе се поништи и издадената градежна дозвола.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот