Илустрација/фото: Pexels / Vidal Balielo Jr

ДСЗИ не најде неправилности од негова надлежност во лекувањето на починатата Елена Ѓорѓиевска

Државниот здравствен и санитарен инспекторат го заврши инспекцискиот надзор за лекувањето на 37-годишната Елена Ѓорѓиевска која почина неколку часа откако беше отпуштена од Клиниката за дигестивна хирургија после изведени две операции поради мултисистемска Кронова болест. Неправилности не се констатирани, а до министерот за здравство е поднесена иницијатива за формирање стручен надзор над работата на здравствените работници кои учествувале во лекувањето на пациентката.

„По добиена наредба од министерот за здравство и писмена претставка до ДСЗИ од страна на пациентката Елена Ѓорѓиевска (почината) на 11 и 12 ноември ДСЗИ изврши вонредни инспекциски надзори во ЈЗУ УК за гастроентерохепатологија и ЈЗУ УК за дигестивна хирургија Скопје во врска со третманот и лекувањето на пациентката. При надзорите извршен е увид во евиденцијата во основната медицинска документација за пациентката во двете клиники“, пишува во заклучокот од спроведениот надзор до кој дојде „Слободен печат“. 

Од увидот констатирано е дека пациентката подолг временски период боледувала од автоимуно заболување. Во 2025 во два наврати била хоспитализирана на ЈЗУ за гастроентерохепатологија (во април и август/септември). Во текот на двете хоспитализации биле вршени повеќе дијагностички иследувања и давана е терапија.

Во добра општа состојба испишана е со препорака за понатамошна терапија и хигиенодиететски режим. Во ЈЗУ УК за дигестивна хирургија Скопје била хоспитализирана од крајот на септември до почетокот на ноември 2025. Во текот на хоспитализацијата биле извршени дијагностички иследувања, давана е терапија, направени се 2 хируршки интервенции. Испишана е на 1 ноември 2025 во добра општа состојба со уреден локален наод и даден совет за терапија и хигиенодиететски режим. При вонредните надзори на ДСЗИ не се констатирани недостатоци во надлежност на ДСЗИ, пишува во извештајот.

Хирургот од Клиниката за дигестивна хирургија кој ја извел првата од двете операции после кои почина 37-годишната Елена Ѓорѓиевска, за „Слободен печат“ вели дека не постои лекарска грешка од негова страна, туку дека смртниот исход настапил поради емболија која не можело да се предвиди дека ќе се случи после отпустот од болницата. Според него, пациентката страдала од тешка форма на Кронова болест, којашто била мултисистемска и зафаќала не само еден, туку повеќе делови од телото. Семејството пак во претставката до Државниот здравствен и санитарен инспекторат до која дојде „Слободен печат“, тврди дека се сомнева на професионална грешка зашто операцијата била изведена „без поставување на дренови според шведски систем“. Инаку, според информациите на „Слободен печат“ дигестивниот хирург што ја направил операцијата е професор на Медицинскиот факултет во Скопје со над 35 години работно искуство и е единствениот Македонец кој има лиценца да практикува дигестивна хирургија во Норвешка.

На инсистирање на семејството, а не по негова желба, тврди тој, ја оперирал пациентката непосредно пред да замине за САД, а потоа за неа се грижел друг специјалист кој извел втора операција.

Пациентката е упатена на хируршко лекување на компликација на Кронова болест која драматично го нарушувала нејзиниот квалитет на живот, по исцрпување на сите достапни конзервативни методи.

Изведена е операција која ја корегира компликацијата и овозможува продолжување на конзервативна терапија како што беше договорено со колеготе од ГЕК клиника и информирана фамилијата. Постоперативно се јави повраќање за кое се посомневав дека е поради активирање на процесот на Кронова болест на друга локација на дигестивниот тракт, што се потврди со ендоскопија.

Продолжено е лекувањето според новите препораки кои произлегоа од новодијагностицираното жариште во консултација со колегите од Гастро клиника, ни рече тој.

Ирена Димовска, золва на починатата пациентка за „Слободен печат“ тврди дека таа најнапред била хоспитализирана на Клиниката за гастроентерохепатологија, после што ѝ било кажано дека за неа решението е дигестивната хирургија. Двајца хирурзи дошле, ја прегледале во болницата и предложиле да се побара професорот за хируршка интервенција.

-После неговата операција за 2 дена ѝ се влоши состојбата. Немаше поставено дрен и тврдеше дека тоа е по некоја „шведска метода“. Кога докторот беше во Америка, неговата одговорност не ја преземаше никој, а докторот на кого таа беше оставена, не се појави 11 дена. Тонеше Елена секој ден, ниту јадеше ниту пиеше. Вечерта пред да биде отпуштена од болница, доби треска 39 со 5, цимерката станувала да ја покрива и била модра во лицето. Даваше сè од себе поради двете ангелчиња дома. На 1 ноември во 12 на пладне е отпуштена од болница со тврдење дека е во добра состојба, но во 20 часот и 30 минути ѝ се слоши и почина. Во болницата од она што го кажуваат, имала сепса и затоа пројавувала температура, ни рече Димовска.

Таа во Државниот здравствен и санитарен инспекторат доставила претставка против хирургот и ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија Скопје, во која се наведува дека „смета дека операцијата изведена без дренови според шведски систем“ може да е резултат на погрешна медицинска постапка, со оглед на тоа што нејзиното здравје драстично се влошило после оваа операција.

„Според документацијата по првата операција, за време на престојот во САД пациентката е оставена на друг хирург. Но другиот хирург не се појавува цели 11 дена. Доаѓа дури откако посетив шеф на одделение и реагирав. Запознаен со случајот е и раководителот на одделение. Се направи втора операција, перфорација на дебело црево. После втората операција пациентката доби воспаление на желудникот и имаше желатинозна маса во стомакот и не можеа да ја извадат. Таа имаше лоша крвна слика, силни болки во градите, гушење и многу повраќање, а за оваа состојба и по првата и по втората операција ни кажаа дека е „нормално“, пишува во претставката до ДСЗИ.

Клиниката за дигестивна хирургија утре изутрина ќе има стручен колегиум за да се разгледа случајот.

Како одговор на вашите прашања, а во врска со сега починатата пациентка Елена Ѓорѓиевска почината во домашни услови по истекот на хоспитализацијата, ние како клиника до овој момент имаме само усна информација добиена од семејството и медиумите. Информациите на семејството (не само во овој случај), во текот на хоспитализацијата и во постоперативниот период се добивааат од ординирачките хирурзи и од непосредните раководители на оддели. Ние сме подготвени да одговориме на сите барања на институциите како би се расветлиле сите детали за текот на лекувањето. Можеме да ве информираме дека клиниката е во постапка на интерно покревање на стручните тела на клиниката (Стручен колегиум) и со формирање на соодветна ад-хок комисија која би му овозможила на директорот на клиниката патоказ за постапување во рамките на надлежностите, велат од ЈЗУ Клиника за дигестивна хирургија за „Слободен печат“.

Пациентката Елена Ѓорѓиевска на 37 години починала дома, 8 часа откако била отпуштена од болницата после 2 извршени операции. Боледувала од тешка форма на Кронова болест, хронична воспалителна болест на цревата која може да влијае на кој било дел од дигестивниот тракт.

Министерството за здравство за „Слободен печат“ одговори дека формирале комисија за стручен надзор а Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор на двете клиники каде се лекувала пациентката – Клиниките за дигестивна хирургија и за гастроентерохепатологија.

Нема лекарска грешка од моја страна, тврди хирургот што ја оперираше 37-годишната Елена Ѓорѓиевска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот