Државниот обвинител веќе не е недопирлив – Советот добива моќ да бара негово разрешување
Собранието го изгласа новиот Закон за Советот на јавните обвинители со поддршка од 64 пратеници, додека 15 беа против. Ова законско решение, кое е целосно усогласено со европските директиви, има за цел да спроведе суштински реформи во правосудниот систем.
Препорачано
Според Министерството за правда, кое е предлагач на законот, примарниот фокус е ставен врз зајакнувањето на независноста, транспарентноста и професионализацијата на Советот. За таа цел, целосно се реформира постапката за избор на неговите членови преку воведување строги критериуми за стручност и интегритет, по теркот на правилата во Судскиот совет, за да се гарантира избор на најдобрите кадри.
Има неколку клучни промени кои ги носи новиот закон.
Мерит-систем и отчетност: Во иднина, секоја одлука поврзана со избор, унапредување или дисциплинска мерка за обвинителите ќе мора да биде детално и аргументирано образложена, со што се гарантира системот на заслуги.
Поголеми ингеренции на Советот: Институцијата добива посилна улога при изборот и разрешувањето на државниот јавен обвинител, вклучително и правото да достави иницијатива до Собранието за негова смена. Истовремено, прецизирана е и процедурата за разрешување на челниците на самиот Совет.
Двостепена дисциплинска постапка: Како одговор на препораките од Европската комисија, Советот сега ќе одлучува како второстепен орган во дисциплинските постапки, а за неговите одлуки ќе биде дозволена судска заштита.
Високо ниво на транспарентност: Работата на институцијата целосно се отвора за граѓаните преку директни преноси од седниците, како и преку обврската за задолжително јавно објавување на сите извештаи и донесени одлуки.


