Државни багери го оштетиле светски значајниот неолитски локалитет Влахо кај Битола

Фото: Фејсбук / Центар за истражување на предисторијата

Досега најстарата отриена неолитска населба во Македонија, археолошкиот локалитет Влахо на границата со Грција во Пелагонија, е оштетена при работите на ископување на јаглен од блискиот рудник „Живојно“, алармираа археолози.

Годинава властите, поради енергетската криза и потребата за поевтин домашен јаглен за производство на струја во РЕК „Битола“, одлучија да се почнат работите на експлоатација на рудникот „Живојно“, кој го работи државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ). На веб-страницата на ЕСМ пишува дека „во моментов, во фаза на изработка е главен рударски проект за отворање, разработка и за експлоатација на јагленот од наоѓалиштето „Живојно“ со јамска технологија“.

„На овој локалитет во близина на Живојно, во неговиот периферен источен и северен дел направени се ископи за јаглен и патишта кои имаат оштетено дел од рововите и градбите констатирани преку геофизичкото скенирање и контролните сонди“, велат од Центарот за истражување на предисторијата.

„Во секој случај, успешно се спречи поголема катастрофа! Како резултат на одговорноста на мештаните од Живојно и брзата интервенција на Заводот и музеј – Битола и Управата за заштита на културно наследство, оштетувањето на овој најстар неолитски локалитет во Македонија е запрено. Претставува вистинска штета ваков локалитет којшто е истражуван со поддршка на Европската Унија, Фондацијата Западен Балкан, германската Фондација за истражување на тумбите и македонското Министерство за култура, да биде неодговорно третиран. Затоа, на оваа уникатна неолитска населба ѝ е неопходна подобра заштита и темелно истражување, што е воедно и апел на истакнати меѓународни институции од сферата на културното наследство’, додаваат археолозите.

Неолитската населба, која според научниците е стара околу 8.500 години, е основана дури 300 години пред останатите во овој регион, па воедно претставува и еден од најраните неолитски локалитети во Европа.

Археологот Гоце Наумов од Центарот вели дека освен неговото екслузивно датирање, локалитетот Влахо е специфичен и по присуството на десетина ровови и објекти, што било регистрирано со геофизичкото скенирање на неговиот простор. Истражувањето на локалитетот го потврди постоењето на овие ровови, како и богатата стратиграфија сочинета од ранонеолитски слоеви во кои има остатоци од куќи од лепеж, белосликана керамика, фигурини, жртвеници, антропоморфни модели на куќи и алатки. Археоботаничките и археолошките анализи укажуваат на конзумирање храна од пченица, јачмен, леќа, грашок, јаболки, капини, говеда, овци, кози и свињи, и тоа уште во самите почетоци на овој особено значаен локалитет.

Локалитетот Влахо кај Живојно се истражува веќе неколку години во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата и Завод и музеј – Битола, при што се вклучени и стручњаци од Универзитетот од Базел, Шпанскиот национален совет за наука, Универзитетот во Белград, Завод и музеј – Прилеп, Институтот за старословенска култура, Археолошкиот музеј на Македонија и студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот „Гоце Делчев“. Различни сегменти од овие обемни мултидисциплинарни истражувања се подржани од германската Фондација за истражување и заштита на тумбите, Универзитетот во Базел, македонското Министерство за култура, шпанскиот Национален совет за наука, Фондот Западен Балкан и Европската Унија.

Резултатите добиени од мултидисциплинарното истражување на Влахо кај Живојно се публикувани во списанитето „Патримониум“, а уште неколку научни труда се дадени во печат во еминентни светски издавачки куќи, додава Наумов.

„Целта на авторите беше овие извонредни сознанија ексклузивно да бидат објавени пред македонската јавност и археолошката фела, после што следи и нивно скорешно публикување во неколку европски и американски списанија. Новите откритија за овој локалитет беа презентирани на меѓународниот собир на Европската асоцијација на археолозите во Будимпешта, како и на предавања во Рим и Берлин, така што археолошката заедница ја препозна специфичноста на оваа неолитска населба и го подржува нејзиното натамошно афирмирање. На тој начин овој археолошки локалитет постепено го добива своето заслужено место во академскиот свет, што ќе придонесе и за негово подобро презентирање пред пошироката јавност“, вели Наумов.

Истражување: Археолошкиот локалитет Влахо е најстарата неолитска населба во Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот