Фото: Македонско еколошко друштво

Државата штеди на заштита на белоглавите мршојадци: зошто овој вид е важен за природата?

Мршојадците, големи птици грабливки, низ историјата честопати се поврзуваат со смрт и со несреќи во различни култури. Но, и покрај негативните симболики, тие имаат суштинска еколошка улога.

Еден црн и еден белоглав мршојадец, класифицирани како редок и строго заштитен вид во Македонија, на 21 февруари беа пронајдени угинати во кавадаречкиот регион. Настанот бил детектиран по сигнализација од ГПС-локаторите со кои биле опремени птиците и пријавен од Бугарското друштво за заштита на птиците до Македонското еколошко друштво (МЕД).

По излегувањето на терен било утврдено дека, покрај двата угинати мршојадци, на локацијата имало и угината крава во фаза на отелување, како и неколку кучиња што јаделе од месото на кравата – што отвора сериозен сомнеж за можно труење со отровни мамки. Надлежните институции се известени, а се очекуваат и резултатите од анализите.

Сè до средината на 20 век, белоглавиот мршојадец бил честа појава низ Балканот. Во последните децении од минатиот век, поради ловењето, труењето, недостигот на храна, како и струјните удари и судирите со надземната електрична инфраструктура, овој вид е доведен на работ на исчезнување, велат од МЕД.

Токму поради ваквите закани, во следните шест години МЕД ќе спроведува нов меѓународен проект во рамки на програмата „Лајф“ (LIFE) на Европската Унија, чијашто цел е зајакнување на популацијата на белоглавиот мршојадец во Македонија и во Грција, со поширок ефект врз опстанокот на видот на Балканот.

Во разговор со „Слободен печат“, кој се случи пред угинувањето на двата мршојада, координаторот на проектот, „Лајф“, Славе Накев, посочи дека охрабрувачки податок е оти во последните пет години во Македонија не бил регистриран ниеден случај на отруен или незаконски уловен белоглав мршојадец.

Во неколку наврати биле пронајдени отровни мамки во Мариовско, но тие биле навремено отстранети благодарение на реакцијата на локалното население и институциите, пред да дојде до последици по птиците.

Белоглавиот мршојадец природно е распространет во јужните делови на Европа (Португалија, Шпанија, Италија и Балканот), па со тоа неговото присуство е географски ограничено. Сепак, популациите во Хрватска, Србија и Бугарија се многу пораснати, во Македонија исто така бележат раст, а во Грција се, во најмала рака, стабилизирани.

– Важно е да се напомене дека во Македонија белоглавиот мршојадец никогаш не бил исчезнат вид, иако постоеше реален ризик да престане да гнезди (во еден момент, во 2018 година, бројноста падна на само шест двојки, додека лани изнесуваше 19-20 двојки) – објаснува за „Слободен печат“ заменик-директорот на МЕД, Методија Велевски.

Зошто мршојадците се важни за природата?

Мршојадците, големи птици грабливки, низ историјата честопати се поврзуваат со смрт и со несреќи во различни култури. Но, и покрај негативните симболики, тие имаат суштинска еколошка улога.

Накев објаснува дека белоглавиот мршојадец е природен „чистач“ на екосистемот.

– Со исхрана исклучиво од угинати животни, мршојадците значително го намалуваат ризикот од ширење заразни болести во природата, а индиректно и кај луѓето – вели Накев.

Тој посочува пример од Источните Родопи во Бугарија, каде што поголемото присуство на мршојадци помогнало во намалување на ризикот од ширење на африканската чума кај дивите свињи.

– Ловците таму забележале дека побрзото „чистење“ на теренот од угинати животни, благодарение на мршојадците, го намалува потенцијалот за ширење зарази – додава координаторот на проектот, „Лајф“.

Покрај нивната важна функција во екосистемот, мршојадците и птиците грабливци имаат софистицирана аеродинамика поради годините еволуција што довеле до многу добра навигација низ воздухот.

– Верувам дека никој не останува рамнодушен кога ќе сретне каква било граблива птица, а особено мршојадец. Мене лично ме импресионира нивното летање, толку умешно си играат со ветрот што речиси и да нема потреба да замавнат со крилјата – опишува Накев.

„Нема државен капацитет за ефикасни истраги“

Иако Македонија има соодветни закони и воспоставени протоколи за заштита на белоглавиот мршојадец, клучниот проблем во практика, според МЕД, не е во регулативата или во координацијата меѓу институциите, туку во недоволните капацитети за ефикасни истраги и за теренски реакции.

Засега, државата не обезбедува доволна финансиска поддршка за активности поврзани со мониторинг на популациите на важни видови, објаснува Велевски додавајќи дека посветеност кај институциите постои, но дека понекогаш процесите се бавни.

– Но, главно наидуваме на позитивни одговори на барањата за поддршка и за вклучување кадар во активностите за јакнење на државните капацитети – вели тој.

Велевски смета дека институционалната рамка постои и е релативно добро поставена.

– Во проектот се вклучени Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Агенцијата за храна и ветеринарство, МВР, Ветеринарниот факултет, Скопје и на локалните самоуправи. Нивна задача е да обезбедат дозволи, надзор и теренски контроли, но и да реагираат при сомнежи за труење и за криминал врз дивиот свет – објаснува Велевски.

Тој додава дека постои работна група составена од 13 институции со јасно дефинирани надлежности и со стандардна оперативна постапка за случаи на труење диви животни.

– Закони има: Законот за заштита на природата, Законот за ловството, Кривичниот законик… Но, најголемата пречка остануваат ограничените капацитети за сложени истраги и лабораториски анализи – нагласува заменик-директорот на МЕД.

Сепак, од МЕД укажуваат дека државната финансиска поддршка за мониторинг на загрозени видови сè уште е недоволна, а најголемиот дел од активностите се спроведуваат преку донаторски проекти. Велевски потсетува дека преку проектот „Балкан детокс“ (BalkanDetox), финансиран од програмата „Лајф“ на ЕУ, значително се подобриле капацитетите на институциите за справување со труења диви животни.

Министерството за животна средина и просторно планирање не даде никаков одговор на прашањата на „Слободен печат“ за годишниот буџет за следење, заштита и за мониторинг на загрозени видови, ниту, пак, дали е предвидено зајакнување на капацитетите на институциите што се занимаваат со заштита на овие видови.

Отруените птици се истражуваат како да се луѓе во Шпанија

Велевски објаснува дека локалното население во Шпанија е голем фактор за заштитата на мршојадците, а и дека случаите на отруени птици се третираат како оние со човечки жртви.

– Традиционалните практики за екстензивно сточарство, начините на справување со угинатите животни од фармите и активната борба против користењето отровни мамки резултираа со сликата што денес ја гледаме во Шпанија. Покрај институциите, локалното население е исто голем фактор во заштитата на мршојадците, па така, во Шпанија навремено ги увиделе придобивките од овие птици и директно помогнале во заштитата со тоа што ги прифатиле добрите практики за заштита — вели тој.

Од досегашното искуство со шпанските институции, додава Велевски, увидовме дека пристапот што го практикуваат во случаи на отруени птици е ист како во случаите со човечки жртви.

– Истрагите неретко вклучуваат и ДНК-тестирање на мамките за да се утврди од каде потекнуваат (преку барање животни во крвно сродство меѓу стадата на одгледувачите). Планираме да работиме во таа насока и се надеваме дека состојбата на нула отруени птици ќе продолжи и понатаму – објаснува заменик-директорот на МЕД.

„Секој ден патуваат по неколку стотици километри“

Искуствата од ГПС-следењето покажуваат дека дел од единките од Македонија секојдневно патуваат и по неколку стотици километри до Бугарија во потрага по храна – дополнителен ризик за нивниот опстанок.

– Со овој проект сакаме да создадеме услови тие да имаат безбедни места за живот и доволно храна тука за да не мора да вложуваат неприроден напор за преживување – вели Накев.

Според МЕД, долгорочната цел е заштитата на белоглавиот мршојадец да не зависи само од проекти и од донаторски средства, туку да стане трајна, институционално вградена политика, со стабилни капацитети, финансиска поддршка и со активна улога на локалните заедници.

Ќе донесеме 50 белоглави мршојадци од Шпанија: почнува регионална акција за спас на видот што изумира поради лов и труење

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот