Фото: Wikipedia commons / Douwe C. van der Zee

Древна структура стара 4.600 години — научниците открија една од најголемите тајни на Големата пирамида во Гиза

Ако некогаш постоела градба направена да му пркоси на времето, тогаш тоа сигурно е Големата пирамида во Гиза, величествен споменик на човечката имагинација и амбиција. Откако била изградена во периодот на Старото Кралство на древен Египет, таа цврсто стои додека времето минува, а цивилизации се раѓаат и исчезнуваат, пишува „Дејли мејл“.

Научниците сега открија една од причините за нејзината неверојатна долговечност — била проектирана и изградена со структурни карактеристики што ѝ помагаат да ја издржи разорната енергија на земјотресите уште од времето кога пред околу 4600 години била изградена како гробница на фараонот Кеопс.

Истражувачите ја анализирале нејзината структурна динамика користејќи уреди наречени сеизмометри, со кои ги снимале амбиенталните вибрации, постојаното, суптилно позадинско тресење предизвикано од природни сили и човечка активност, на 37 локации во и околу пирамидата. И покрај нејзината големина и сложеност, пирамидата покажала исклучително хомоген и стабилен структурен одговор на тие вибрации.

Четирите страни на пирамидата, која се наоѓа во Гиза, веднаш надвор од египетската престолнина Каиро, и е изградена од огромни варовнички блокови, во основата имаат околу 230 метри, а целата градба се простира на околу 5,3 хектари. Првично била висока околу 147 метри.

Природната ерозија низ времето и отстранувањето на нејзините мазни надворешни облоги од камен пред неколку векови, кои биле искористени како градежен материјал, ја оставиле на сегашната височина од приближно 138,5 метри. Таа била највисоката градба во светот околу 3800 години.

Научниците забележале неколку карактеристики што ѝ обезбедиле отпорност на земјотреси. Таа има исклучително широка основа со ниско тежиште, многу симетрична геометрија, постепено намалување на масата кон врвот, како и софистициран внатрешен дизајн, вклучувајќи внатрешни комори што го ублажуваат засилувањето на вибрациите. Исто така, изградена е врз цврста варовничка карпа.

– Овие елементи заедно создаваат добро избалансирана и кохерентна структура – изјавил сеизмологот Мохамед ЕлГабри од Националниот истражувачки институт за астрономија и геофизика во Египет, главен автор на истражувањето објавено во четвртокот во списанието „Саентифик репортс“.

– Древните египетски градители очигледно имале практични знаења за стабилноста, однесувањето на темелите, распределбата на масата и преносот на товарот – изјавил сеизмологот и постар автор на истражувањето, Асем Салама.

Истражувачите откриле дека поголемиот дел од вибрациите регистрирани во пирамидата имале фреквенција што укажува дека механичкиот стрес рамномерно се распределува низ целата градба.

– Иако би се двоумел да тврдам дека намерно ја проектирале пирамидата токму за отпорност на земјотреси, сметам дека развиле архитектонски и геотехнички решенија што природно резултирале со структури со исклучителна долгорочна издржливост – рекол Салама.

Тоа знаење се стекнувало со текот на времето, преку методот на обиди и грешки, што го покажуваат и некои несовршени пирамиди што ѝ претходеле на оваа.

Истражувачите собрале сеизмички податоци од различни премини и комори изградени во пирамидата, вклучувајќи ја главната погребна просторија наречена Кралска комора, како и од околната карпа и почва.

Откриле дека засилувањето на вибрациите се зголемувало со висината во пирамидата, што е нормална појава кај високи градби. Сепак, забележале намалување на засилувањето во пет специјални комори изградени над Кралската комора, и покрај нивната поголема височина.

– Тоа укажува дека овие комори ефикасно помагаат во распрснување на сеизмичката енергија и ја штитат Кралската комора, едно од најкритичните подрачја, од прекумерно тресење – изјавил ЕлГабри.

Последните значајни земјотреси во тој регион ги вклучуваат оние од 1847 и 1992 година. И двата сериозно оштетиле илјадници згради, а вториот однел повеќе од 560 животи. Пирамидата претрпела само незначителни оштетувања. Таа е дел од голем комплекс, заедно со други пирамиди и Големата Сфинга во Гиза, кои уште од античките времиња привлекуваат огромен број посетители.

– Големата пирамида не е само извонредно инженерско достигнување, туку и длабоко уметничко дело и израз на човечката визија. Нејзината совршена симетрија, монументалниот размер и елегантните пропорции создаваат безвременска убавина што продолжува да влева восхит дури и по 4600 години – изјавил ЕлГабри.

– Покрај нејзината физичка убавина, најмногу ме импресионира неверојатното управување со проектот и организациското мајсторство што ги претставува. Изградбата на таков споменик траела приближно 20 години и барала одржување јасна, долгорочна визија, исклучително сложен синџир на снабдување и координација на десетици илјади квалификувани работници, инженери и администратори – нагласил ЕлГабри.

Тоа морало да вклучува управување со човечки ресурси, обука на специјализирана работна сила, обезбедување постојано снабдување на работниците со храна, како и логистика за огромни количини камен.

– Тоа нѐ потсетува на што е способна човечката цивилизација кога ќе се соединат визија, наука, организација и решителност – заклучил ЕлГабри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот