Драматично предупредување од ОН за клима уредите- милијарди луѓе немаат соодветна заштита од топлина
Глобалната побарувачка за климатизација би можела да се зголеми повеќе од трипати до 2050 година, предупредија Обединетите нации, повикувајќи ја меѓународната заедница да најде поодржливи решенија за ладење. Програмата за животна средина на ОН (УНЕП) соопшти дека побарувачката би можела да се зголеми поради зголемувањето на светската популација и богатство, во комбинација со сè поекстремната топлина. Зголемената потреба за системи за ладење кои стануваат помалку ефикасни и позагадувачки би можела речиси да ги удвои емисиите на стакленички гасови во споредба со нивоата од 2022 година, според извештајот на UNEP насловен како „Global Cooling Watch 2025“, презентиран на маргините на самитот на ОН за клима.
Препорачано
Иако побарувачката за климатизација би можела да се зголеми тројно до 2050 година, милијарди луѓе сè уште ќе немаат соодветна заштита од топлината.
„Треба да го промениме начинот на кој гледаме на ладењето – не како извор на емисии на стакленички гасови, туку како основа за отпорност на топлина и одржлив развој“, се вели во соопштението.
Најбрз раст на побарувачката за опрема за ладење се очекува во Африка и Јужна Азија. Бидејќи смртоносните топлотни бранови стануваат сè почести и поинтензивни, пристапот до ладење мора да се смета за клучен дел од инфраструктурата, заедно со потребата од услуги за вода и енергија, изјави шефицата на UNEP, Ингер Андерсен. Таа додаде дека „не можеме да излеземе од кризата со топлина само со климатизација, бидејќи тоа би ги зголемило емисиите на стакленички гасови, како и трошоците“.
UNEP ја нагласува можноста за таканареченото „пасивно ладење“, што подразбира подобар квалитет на дизајнот и изградбата на ѕидовите и покривите, засенчување, решенија за соларна енергија надвор од мрежата и вентилација. Потенцијалниот ефект на овие стратегии врз внатрешната температура може да се движи од 0,5 до дури 8 степени Целзиусови.
„Пасивните, енергетски ефикасни и решенија базирани на природата можат да придонесат за задоволување на растечките потреби за ладење на глобално ниво, заштитувајќи ги луѓето, синџирите на исхрана и економиите од растечката топлина, додека се стремиме да ги постигнеме климатските цели“, нагласи Андерсен.
Извештајот за употребата на ладење и климатизација покажува дека спроведувањето на овие мерки би можело да ги намали емисиите за 64% во споредба со нивоата предвидени за 2050 година- пишува Телеграф.


