Голема спасувачка акција во Хрватска — десетици луѓе се заглавени во реката Сава
Во тек е обемна и исклучително тешка спасувачка акција во Хрватска за повеќе десетици луѓе во реката Сава, најверојатно мигранти, кои се заглавиле на непристапен мочурлив терен, објави „Јутарњи лист“.
Препорачано
Потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, потврди дека во акцијата на подрачјето меѓу Штитар и Бабина Греда се вклучени сите итни служби – полицијата, цивилната заштита, пожарникарите, ХГСС, Црвениот крст и Државната интервентна единица.
— Во овој момент трае голема спасувачка акција. Луѓето се заглавени во мочурливиот дел околу Бабина Греда. Ангажирани се практично сите сили, цивилна заштита, полиција, пожарникари, ХГСС, Црвен крст, Државна интервентна единица. Теренот е исклучително тежок и непристапен — рече Божиновиќ.
Италија: Бродолом кај Лампедуза – 64 луѓе се спасени, двегодишно момче е исчезнато
Тој додаде дека се проценува оти станува збор за неколку десетици луѓе. До дел од групата спасувачите веќе успеале да стигнат, но поради слабата видливост и специфичноста на теренот се користат термовизиски камери. Иако од теренот се слушале гласови на лоцираните лица, министерот предупреди дека постои можност да има и жртви.
На прашањето дали станува збор за мигранти, Божиновиќ одговори дека тоа е најверојатното сценарио со кое надлежните служби се соочуваат веќе со години при обидите за незаконско преминување на државната граница.
— Минатата година беа забележани 14 смртни случаи, а оваа година веќе имаме два случаи на давење — наведе министерот, изразувајќи надеж дека актуелната акција ќе заврши со што помалку жртви.
Вуковарско-сремската полиција рано утринава соопшти дека во реката Сава меѓу Штитар и Бабина Греда се наоѓаат повеќе луѓе, па за нивно пронаоѓање и спасување итно на местото биле испратени полициски патроли, полициски чамец и дронови.
Исто така, веднаш биле ангажирани и цивилната заштита, ХГСС, ЈВП Жупања, како и Итната медицинска помош.
Чамец со мигранти се преврти во Хрватска: полицијата најде тело и еден преживеан, другите ги нема


