Драмата „Дупло дно“ од Горан Стефановски ќе биде поставена во Прилепскиот театар

Во театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп се подготвува претставата „Дупло дно“ по текст на Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска. Премиерата ќе биде во средината на мај, а претставата е поддржана од Министерството за култура.

Режисерката Наташа Поплавска по вторпат на сцената од театарот „Војдан Чернодрински“ поставува текст од македонскиот драмски автор Горан Стефановски.

– За мене Стефановски сѐ уште е „жив“ и секогаш ќе биде, заради неговите дела кои се секогаш актуелни. Природно беше со прилепскиот ансамбл да имаме повторна средба со Стефановски, овој пат со „Дупло дно“. Драмата е напишана во 1983 година, а зборува за уметникот и неговата борба за слобода на духот наспроти тоталитаризмот.

Горан е еден од ретките уметници кој остана доследен на себе и остана да биде само и единствено уметник. Колку дна има дното е моето прашање на кое ќе бараме одговор заедно со актерите на Прилепскиот театар. Иднината за која пишува Горан за нас е сегашност, а кој знае која е иднината? Што е драма, а што е стварност? Претставата започнува во скривница и по катаклизма, а Стeфановски ни посочува дека „Ништо не е како порано. Координатите се изместија. Нема уметност. Нема култура. Нема блефови“.

Ние денес поминуваме низ пандемија, некоја нова нормалност со која се изместија координатите, а сега имаме и војна, некои политички аналитичари велат на прагот сме на Трета светска војна. „Дупло дно“ се занимава со прашањето: Како да се биде уметник во овие матни времња? Дуплото дно Стефановски го отвора сѐ подлабоко и ни дава неколку одговори на тоа што е дупло дно.

Наташа Поплавска

Овој пат работиме со помала актерска екипа: Игор Трпче, Димитар Ѓеоргиевски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски и Катерина Чакмакоска. Драматург е Ивана Нелковска, музиката му ја доверив на еден од ретките и врвни македонски уметници, Ристо Вртев, кој исто како и Стефановски остана доследен на себеси да биде само уметник во овие матни времиња. Затоа во претставата, покрај актерите, ќе имаме и музичари на сцената.

Оваа претстава ќе биде мој можен одговор на прашањата кои Горан ги задава. Имам комплетна визија за претставата и во таа смисла ќе оставам печат и преку дизајнот на сцена, костимите и сценските движења – вели Поплавска, потенцирајќи дека и е задоволство да соработува со Прилепскиот театар.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 125, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 16-17 април 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот