Драма во „Стожице“: Норвешка со пресврт до европскиот трон!
Женската ракометна репрезентација на Норвешка излезе како победник во драмата во „Стожице“ и ќе остане на тронот на Европа откако ја победи Данска со 25:27.
Препорачано
Норвешка пред натпреварот важеше за благ фаворит, но во најголем дел од натпреварот денес данските ракометарки имаа водство. По десет минути игра Данска со добрата игра дојде до водство од 7:3. Таа предноста од три-четири гола Данска ја одржуваше до крајот на првиот дел и на пауза заминаа со 15:12.
Првата половина од второто полувреме помина во исто темо, а во завршницата Норвешка започна да игра подобро и да се враќа во натпреварот. Од 22:18 за Данска Норвешка со серија од 4:0 дојде до изедначување и тоа се покажаа како клучни минути на натпреварот.
По тоа изедначување на Норвежанките, Данска поведе само уште еднаш (23:22). Завршницата од натпреварот и припадна на Норвешка која со серија од 3:0 во последните минути ја обезбеди победата. Данска се одржуваше во живот до 24:24, односно до последните пет минути од натпреварот.
Во редовите на Норвешка Нора Морк со осум гола и Бреистол со четири беа најефикасните. Кај Данска Бургард беше прв стрелец со шест гола. Претходно денес во натпреварот за бронза Црна Гора ја изненади Франција.


