Драчево, Пинтија, Усје и околината два дена без вода, граѓаните се снабдуваат со цистерни

Фото: ЈП „Водовод и канализација“

Од вчера без вода се жителите на Драчево, Пинтија, Усје и други населби во тој дел на општина Кисела Вода поради дефект на водоводна цевка кај мостот во Драчево, на булеварот „Борис Трајковски“. Екипите на „Водовод и канализација“ во текот на ноќта и денес работат на отстранување на дефектот, а за граѓаните се поставени цистерни со питка и техничка вода додека се реши проблемот.

При санацијата на дефектот, беа откриени уште неколку дефекти на спојните делови на цевката, а како резултат на сложеноста на теренот каде се работи и видот на дефектите, санацијата продолжи во текот на целата вечер и денешниот ден. Во моментот екипите на ЈП „Водовод и канализација“ го санираат четвртиот дефект и ќе останат на терен, се до целосно отстранување на истиот – информираат од јавното претпријатие.

За граѓаните кои живеат во тој регион, обезбедени се 2 цистерни со питка вода и уште 2 цистерни со техничка вода кои се движат низ населените места каде има прекин на водоснабдувањето, но и за задоволување на потребите на училиштата и градинките. Во моментов две цистерни се во село Батинци, а две во Долно Лисиче, а според распоредот од 12 до 13 чадот ќе бидат во село Драчево и во Студеничани, а од 13 до 14 часот по две цистерни ќе има во населба Драчево и во село Морани.

Покрај дадениот распоред, дополнително цистерните ќе продолжат да ротираат во текот на целиот ден, се до нормализирање на водоснабдувањето. Благодариме за трпението на граѓаните кои живеат во овој дел од градот каде што во моментов има прекин на водоснабдувањето. Екипите се на терен и работат за отстранување на дефектите во најбрз можен рок – велат од „Водовод и канализација“.

Видео на денот