Доживување на енергијата што тече низ светот и низ нас самите овозможува изложбата „Оган“ на Бојана Артиновска
По претставувањето во Културно-информативниот центар во Скопје во текот на ноември, циклусот „Оган“ на академската уметница Бојана Артиновска ќе биде изложен во Битола, градот каде што делата беа создадени и првпат оживеаја на платно.
Препорачано
Отворањето на изложбата ќе се одржи на 12 декември, во 20 часот, во галеријата „Камај медиа“, каде ќе биде изведен краток сликарски перформанс, како реконструкција на процесот на создавање, а посетителите ќе имаат можност и за отворен разговор со уметницата. Звучниот простор ќе го отвори Игор Темелковски, со музика што пулсира и го следи ритамот на елементот.
– Верувам дека уметноста има моќ да лекува, таа може да ја трансформира енергијата во просторот, да ја подигне вибрацијата и да поттикне внатрешно чувство на рамнотежа и хармонија. Моите слики се покана за внимание, присуство и доживување на енергијата што тече низ светот и низ нас самите – истакнува авторката Артиновска.

Претходно, за изложбата во Скопје, рецензија на мултимедијалниот проект „Оган“ на Бојана Артиновска напиша м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
– Во своите нови апстрактно-асоцијативни дела, академската уметница Бојана Артиновска ја црпи инспирацијата од огнот. Острите, назабени контури се извишуваат како бранови и создаваат ликовни структури што интуитивно пурифицираат преку визуелната интерпретација. Трепетливите извиени арабески ги разбудуваат сетилата на набљудувачот и создаваат разгорена реалност – синтеза на разиграни бои и интуитивно слоевити колоритни површини.
Широките колоритни облици, прецизно контурирани со назабени извиени линии, создаваат структури кои го образуваат содржинскиот поттекст на творештвото на уметницата. Асоцијативните содржини, изразени преку колоритот, се поврзуваат со идејата за огнот – праисконскиот елемент што ја гради материјата. Апстрактните колоритни целини ги раздвижуваат емоциите и ја поттикнуваат животната виталност.
Во одредени композициски структури боите целосно разгоруваат со сите нијанси на жолта, портокалова и црвена – манифестација на белата светлина. Во одредени колоритни интервенции константното жарење и вибрации на разни црвени нијанси не дозволува ни ронка починка – разлевајќи се и преточувајќи се од една во друга. Пурпурно-црвената боја во други композиции тлее и се преточува во кафеави и црни нијанси, отелотворувајќи го димот.
Разиграните колоритни апстрактно-асоцијативни содржини симболично ја сугерираат топлината на огнот и светлината на сонцето – праисконски сили клучни за животопогодноста. Во одредени композиции симболиката на сонцето е потсилена со формата и обликот на насликаната површина. Контрастот меѓу темнина и светлина, изразен преку раскошната сликарска палета, ја потсилува визуелната метафора за стихијноста на жарот, моќта на огнената топлотија и бескрајната сончева светлина.
Асоцијативно-апстрактните композиции, комбинирани со светлосните интервенции на визуелниот уметник, дизајнер и истражувач Емил Петро и звучните димензии на композиторот Игор Темелковски, преку разните медиуми влијаат на амбиентот и просторот, создавајќи и рефлектирајќи топлотни и светлосни зраци кои го затоплуваат просторот и креираат комфорна, разиграна атмосфера – напиша м-р Викторија Димеска.


