Панче Тошковски - Фото: МВР

Дождот го одложи стартот на прославата, но не и пофалбите за Денот на полицијата – најнизок криминалитет во последните 20 години

Утринскиот дожд го изненади Министерството за внатрешни работи. Почетокот на прославата на Денот на полицијата доцнеше околу четириесетина минути, но Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев не изненадија со пораките кои ги пратија на прославата.

Откако ги наместија натстрешниците и ги засолнија од дождот високите гости од институциите, Тошковски и Јанев пратија пораки дека „никој не е над законот, без селективност, без привилегии, без компромис“, дека „институциите повторно мора да бидат посилни од оние кои мислат дека се над законот“.

Ден на полицијата – Фото: МВР

Тошковски се пофали со намалување на криминалитетот, за сузбивање на криминални групи и дека законот мора да важи подеднакво за сите.

Сузбиени 16 криминални групи

-Во изминатиот период покажавме дека државата има капацитет одлучно да се справи со криминалот и корупцијата. Минатата година ја завршивме со намалување на вкупниот криминалитет за повеќе од шест проценти. Сузбиени се 16 организирани криминални групи во кои дејствувале 205 лица. Во делот на борбата против корупцијата беа реализирани повеќе значајни постапки, вклучително и случаи од висок профил, а сузбиени се и четири криминални групи. Особено е значајно што вкупниот криминалитет бележи намалување и е на најниско ниво во последните 20 години. Ефикасноста изнесува 67,2%, што исто така претставува највисоко ниво во истиот период. Овие резултати имаат многу подлабоко значење од самата статистика. Тие се порака дека законот мора да важи подеднакво за сите. Дека државата нема да отстапи пред криминалот. Дека институциите повторно мора да бидат посилни од оние кои мислат дека се над законот – рече Тошковски.

Освен за намалувањето на криминалитетот, тој зборуваше и за модернизацијата на Министерството, го спомена новиот објект за полициска станица во Бутел, а го најави пуштањето во употреба на модерна полициска станица во Аеродром, набавката на 120 современи службени возила, Средното полициско училиште.

Александар Јанев – Фото: МВР

Како најголем успех на МВР го истакна проектот „Безбеден град“ и намалувањето на сообраќајните прекршоци и бројот на жртви, па направи споредба со бројот на жртви во април минатата година, кога имало осум загинати во сообраќајки и изминатиот април, кога немало ниту една жртва.

– Особено значаен сегмент од нашите активности е унапредувањето на безбедноста во сообраќајот. Проектот „Безбеден град“ веќе дава конкретни резултати, при што се бележи намалување на сообраќајните прекршоци и бројот на жртви. Нашата определба е целосно усогласување со европските стандарди и создавање побезбедни улици и патишта за сите граѓани. Безбедноста во сообраќајот не е само статистика, бидејќи пред се таа значи спасени животи, зачувани семејства и поголема сигурност за секој човек – рече Тошковски.

Никој не е над Законот

 

Јанев пак во поголем дел од својот говор им се обраќаше на полициските службеници, на кои им порача да не брзаат по функции и да градат кредибилитет, па направи споредба со својата кариера која ја почнал како приправник во Министерството за внатрешни работи.

– Водиме одлучна, системска и бескомпромисна борба против криминалните групи – во сите области. Системски дејствуваме врз нивните структури, нивните врски, нивната логистика и нивниот капитал. Пораката е недвосмислена – никој не е над законот, без селективност, без привилегии и без компромис. Позициите не се вечни. Денес сме таму за да служиме. Да дадеме најдобро од себе. Да изградиме систем. Да оставиме вредност зад себе. Не сме таму за да уживаме во привилегии, туку за да носиме одговорност. Лидерството не е титула.

Лидерството е обврска. Лидерството е пример. Свесни сме дека се наоѓаме во период на реорганизација. Знам дека за некого тоа носи неизвесност, можеби и разочарување. Но секоја сериозна институција се гради долгорочно, со јасна визија, со трпение и со правилни одлуки. Не секогаш вистинските луѓе се на вистинските места во вистинскиот момент. Но ако системот е здрав, ако вредностите се јасни и ако критериумите се професионални – тие луѓе ќе дојдат таму каде што припаѓаат. Затоа – не се откажувајте – рече Јанев во говорот.

На прославата дојде директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски, институција која заедно со МВР оцени дека поранешниот вицепремиер Артан Груби не е безбеден во затвор, а никогаш не објаснија зошто, министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за здравство Азир Алиу, републичкиот јавен обвинител, Ненад Савески, но и шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот