Донација од бугарската амбасада во Албанија за општина Пустец, реагираше македонската партија МАЕИ

Фото: Репорт ТВ, Принтскрин

Бугарската амбасада во Албанија донираше опрема и компјутери за мултифункционалниот објект на општината Пустец, област населена со македонско малцинство, јави Репорт ТВ.

Пакетите покриени со бугарското знаме, како што пренесува Репорт, предизвикале реакција кај партијата Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, која бугарските симболи во оваа општина ги смета за провокација.

Македонската партија во Албанија бара почитување на македонскиот јазик во Општина Пустец

-Бугарското знаме е целосна провокација. Тоа е со цел да се создаде впечаток дека тука живее различно малцинство од она што го признала албанската држава, а тоа се Македонците. Државата мора да реагира бидејќи на овој простор се знае дека има само македонско малцинство. Овде признаваме две знамиња, албанско и знамето на оваа област, македонското, изјави Ефтим Митревски, потпретседател на партијата.

Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски ја поздравил донацијата и изјавил дека „знамето не е проблем сè додека нема политичка заднина“.

-Секоја донација што нема задни намери, која не го нарушува идентитетот на областа е добредојдена. Во моментот кога ќе дојде донација, ќе ја прифатиме бидејќи развојот на областа ни е важен. Не гледам етнички проблем, луѓето се изразија на пописот и немаше поплаки. Проблемот што го има Северна Македонија со Бугарија сметам дека треба да се реши во Скопје и Софија а не овде во Пустец, ние сме општина во Република Албанија. Секоја помош што доаѓа за заедницата е добредојдена, вели Колефски.

За време на пописот во Албанија, бугарскиот амбасадор во Тирана со донација за болницата во Пустец

Бугарскиот амбасадор во Албанија, Ивајло Киров, во својот поздравен говор меѓу другото нагласил дека бугарската влада неколкупати донела помош за Пустец, опишувајќи ја својата земја како најголем донатор за оваа заедница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот