Должничка криза во македонското здравство: Онкологија должи најмногу, заедно со ГАК и Торакална

Онкологија /Фото: / ''Слободен печат''/ Слободан Ѓуриќ

На 30 јуни годинава долгот на јавните здравствени установи бил фрапантни 5 милијарди денари, потврди директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Најголеми должници се Универзитетската клиника за Онкологија, Торакална и васкуларна хирургија, Клиниката за гинекологија и акушерство и болниците во Прилеп и Охрид. Бидејќи Клиниката за онкологија го истрошила доделениот буџет за цела 2024 година, ќе им бидат дадени дополнителни пари од Фондот за да се протурка годината.

Онкологија должи околу 650 милиони денари кон различни субјекти (10 милиони евра). Директорот на ФЗОМ Клековски вели дека мора да се подобри пристапот до онколошки услуги во земјава и дека ова е поставено како врвен приоритет на Фондот.

– Долговите се настанати заради несоодветно планирање и буџетирање. Иако во јавноста се тврди дека во буџетот имало доволно пари, тоа не е точно. Дел од долгот е настанат зашто несоодветно се финансирани потребите на соодветните клиники.

На пример, на Онкологија не биле буџетирани доволно средства за програмата која им е одобрена за работа. Дел од долгот е и поради „дозволен хаос“ во финансиското работење на јавните здравствени установи со отсуство на контрола и на платите и на материјалното работење, односно залихите.

Има повеќе примери каде што се делеле незаработени плати, дали преку зголемување на основните плати, дали преку дежурства. Има затекнати состојби со нејасно работење со набавки и затекнати залихи, објасни Клековски.

Тој тврди дека сепак ваквата хаотична состојба нема да доведе до блокада на сметките на јавно-здравствените установи бидејќи системот за контрола на Фондот за здравство функционира.

Софтверските системи навремено собираат информации за состојбата во здравството со тримесечни пресеци и се реагира таму каде што може да се реагира. И владата била информирана за состојбата со долговите и во ребалансот ќе се обезбедат дополнителни средства за функционирање на сите подрачја од јавен здравствен интерес.

– Секако, бидејќи состојбата ескалира, мора да анализираме и кои се генераторите на овие состојби, бидејќи само покривање на долговите не води никаде. Во 2007 година тогашната Влада ги плати сите можни долгови и секаде се стартуваше од нула. Нема да дозволиме да страдаат здравствените услуги на граѓаните.

За десетина дена ќе го објавиме планот за санација на должничката криза во јавните здравствени установи и можам да ги уверам граѓаните дека во критичните подрачја за квалитет на здравствени услуги и достапност на лекови нема да има проблеми, вели Клековски.

Директорот на Фондот вели дека при преземањето на функцијата констатирал нелогичности.

– Клиничка болница во Штип нема функционирачка магнетна резонанца, гастроскопија и колоноскопија, кои се основни потреби за една болница да се нарече универзитетска болница. Во Струмица има болница од 6 илјади квадрати, делумно опремена и една од најсовремените болници во земјава, за 1,5 милион евра би била сосема завршена.

Но, не се завршени работите затоа што изведувачот ја споил болницата со трафостаницата со несоодветен кабел кој ЕВН одбива да го прими во употреба и да ја поврзе болницата на струја. И три години се случува статус-кво со целата болница поради ова. Центарот за гангрени, формално во Кочани, не функционира. Па, така ГОБ „8 Септември“, Клиниката за пластична хирургија и Торакална ги згрижуваат овие пациенти, кои се високоинфективни и се ризик, рече Клековски.

Директорот рече дека нема повеќе да изнесува жалби колку лоша состојба затекнал, туку мандатот ќе му биде антикорупциски за подобрување на условите за работа. На брифингот беше најавено дека од 16 септември лекарите ќе може веќе да препишуваат рецепти за новите лекови што беа додадени на позитивната листа на лекови.

Кога се зборува за долговите во јавното здравство, бројките се поразителни. Онкологија должи 650 милиони денари, Торакална 250 милиони денари, ГАК 203 милиони денари, прилепската болница 163 милиони денари, Охридската болница и Скопска кардиологија – по 150 милиони денари.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот