Христијан Мицкоски, Дарко Костадиновски Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Долга е редицата пред „вратата“ за промени на Уставот – последното „не“ Мицкоски го испорача на дебатата за уставна жалба

Не е само внесувањето на Бугарите проблематично, туку и другите барања, какви што се Изборниот законик (една изборна единица), потоа намалување на собранискиот состав, нов државен симбол, промена на формулацијата 20 отсто со албански јазик, а најнови се барањата на ДУИ – Владата да се избира со Бадентеровиот принцип и Уставниот суд да носи одлуки со двојно гласање за законите што се донесени со Бадентеровото мнозинство

Од ставот на премиерот Христијан Мицкоски дека нема политички услови за отворање на Уставот, може да се претпостави исходот на веќе започнатите политички и правни процеси за кои се неопходни токму уставни измени. Премиерот со еден удар ја направи и беспредметна средбата што лидерот на ДУИ Али Ахмети ја побара пред два месеца за да му ги елаборира опозициските барања. Мицкоски чекајќи поволен политички момент за отворање на највисокиот правен акт во државата, стави во мирување и ветувања и програмски определби на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата.

Оттука јасно е дека битни политички, правни и општествени барања ќе почекаат подобри времиња ако до крајот на мандатот на Владата, Мицкоски не ги добие потребните гаранции за внес на Бугарите во Уставот и почеток на преговорите со ЕУ за да ја почне процедурата за измени на Уставот. Премиерот неодамна од собраниска говорница повтори дека и „последно да му е“, измени на Уставот ќе нема ако не се исполнат минимум барем два услова – загарантирани права на Македонците во Бугарија, како и гаранции дека нема да се соочуваме со блокади од субјективни причини.

Последното „не“ за отворање на Уставот премиерот го испорача по дебатата за неопходноста за воведување уставна жалба. Иако и Мицкоски и претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски констатираа дека е потребно да се воведе уставна жалба и закон за Уставниот суд, и двајцата се согласија дека во моментот нема политички услови за тоа и дека Владата не размислува за отворање на Уставот. Образложението секогаш е дека ако се отвори Уставот, на пример за уставната жалба, ќе се отвори Пандорината кутија, односно списокот само ќе се надополнува што, пак, во прашање го доведува исходот на темата за која првично се планирале измени на Уставот.

Владата не размислува да го отвори Уставот, не се исполнети политичките услови, смета Мицкоски

Интересен ќе биде исходот на веќе почнатите разговори во работната група за Изборниот законик, бидејќи дел од повеќегодишните барања на помалите партии е Македонија да биде една изборна единица наместо актуелните шест. За промена на изборниот модел се потребни уставни измени. ВМРО-ДПМНЕ повеќепати се изјасни дека е за една изборна единица, а токму промената на изборниот модел беше една од темите на последната лидерска средба свикана од премиерот во јануари годинава.

Во изборната програма на владејачката партија е и намалување на собранискиот состав од 120 на 90 пратеници. И за ова е потребно отворање на Уставот, бидејќи во највисокиот правен акт во членот 62 се вели дека Собранието го сочинуваат од 120 до 140 пратеници. Оттука нема да биде изненадување ако повторно измените на Изборниот законик се сведат само на усвојување на препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Без измени на Уставот ќе остане и актуелниот државен грб, иако Мицкоски пред една година потврди дека со Вреди ја отвориле темата за нов државен симбол. Грбот остана само во најава, а Вреди тогаш се фалеше дека во напредна фаза се разговорите со ВМРО-ДПМНЕ за промена на формулацијата 20 отсто со албански јазик. Од Владата тогаш потврдија дека промената на грбот е отворено како прашање, но експресно демантираа дека е разговарано за албанскиот јазик.

 

Мицкоски ќе го менува државниот грб, Таравари и Касами јазикот

– Никогаш не е разговарано на таа тема и Уставот нема да го отвораме само за да се смени формулацијата „20 отсто“ со албански јазик – рекоа тогаш од Владата.

На лидерската средба Ахмети се пофали дека издејствувал очи в очи средба со премиерот за да му ги претстави барањата на ДУИ. Средба Мицкоски – Ахмети досега не се случи, барем не јавна, а со тоа лидерот на ДУИ немаше прилика да му ги аргументира на премиерот барањата – Владата да се избира со Бадентеровиот принцип и Уставниот суд да носи одлуки со двојно гласање за законите кои се донесени со Бадентеровото мнозинство.
И за двете барања на Ахмети потребни се уставни измени. Според членот 90 од Уставот, „Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“. Промена на системот на одлучување во Уставниот суд повеќепати веќе е отфрлена и лично од претседателот на Судот Костадиновски.

– Таквиот механизам е погоден за политички тела, како што е Собранието, и тоа е солиден механизам. Меѓутоа, во институција како што е Уставниот суд, кој е чисто правна институција, воспоставувањето на таков механизам, можеби бев брутален, но реков дека е подобро да се затвори институцијата отколку да се воспостави таков механизам. Зошто, затоа што во тој случај нема да воспостават уставно-правни аргументи, ќе воспостават друг вид аргументи – рече претседателот на Уставниот суд.

Против Бадентер во Уставниот суд се и партиите од македонскиот политички блок.

 

Ахмети се избори за дополнителна средба очи в очи со Мицкоски, на лидерската падна договор за нов Изборен законик

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот