Докторот ќе стане капетан: Хју Лори се враќа на малите екрани

HBO

Од ХБО го објавија трејлерот за хумористичната серија „Авенија 5“, во која главната улога ќе ја толкува омилениот актер на повеќе генерации, Хју Лори.

Лори, планетарната слава ја стекна со толкувањето на главната улога во ТВ серијата – „Доктор Хаус“, каде што го играше брилијантниот, саркастичниот и невозможен за компромис Доктор Хаус, додека во „Авенија 5“, ќе глуми капетан на вселенски брод.

Рајан Кларк е името на новиот лик што ќе биде отелотворен од Лори, кој е капетан, но и сопственик на луксузниот туристички брод, кој на богатите гости им овозможува незаборавно крстосување во бестежинскиот простор. Дејствието на серијата започнува во моментот кога неговото летало ќе се расипе, по што тој го собира екипажот кој се грижи за безбедноста на патниците. Спасувачката мисија наскоро ќе се претвори во комична сцена на паника и расправа на неистомислениците. Ситуацијата ќе стане критична, по што капетанот ќе биде приморан да побара помош од Американската вселенска агенција – НАСА.

Серијата всушност претставува приказна за луѓе кои немаат ништо заедничко, а единствената работа што ги поврзува е дека сите работат на вселенскиот брод. Комуникацијата им е отежната, тие воопшто и не знаат како да ги премостат разликите, а во исто време опасноста за бродот и за патниците е огромна.
Покрај Лори, во серијата улоги добија и Џош Гас, Сузи Накамура, Зек Вудс, Ребека Фронт, Итал Филипс, Ники Амука-Брд и Химеш Пател.
Премиерата на серијата ќе се одржи наредната годината, а првата епизода најверојатно ќе биде пуштена по 19 јануари.

На Лори ова му е првата главна улога во една ТВ серија по „Доктор Хаус“. Во британските медиуми неодамна беше објавено дека тој е планиран и за новото продолжение од култната серија „Црна Гуја“, каде своевремено имаше улога. Сепак, сè уште не е потврдено неговото учество во новите епизоди посветени на авантуристот Едвард Црна Гуја, ниту пак се објавени некакви детали за тоа кога ќе започне снимањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот