Докторка од Охрид доби 25 илјади евра отштета на суд, па почнаа сопки во кариерата
Интервентниот кардиолог Виолета Мојсовска Наумоска од Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ во Охрид, деновиве алармира за големи сопки во нејзиниот кариерен развој, кои, според неа, се апсурдни, но не почнале и не се мотивирани од сега, туку од поодамна – кога поднела тужба против болницата и добила 25 илјади евра на личната сметка. Како што тврди таа за „Слободен печат“, се работело за исплати за 1.200 часови што ги одработила, а првично не ѝ биле исплатени, како и за надоместоци за одвоен живот во периодот кога специјализирала, а кои болницата дури после одлука на судските органи ѝ ги исплатила. Од денот кога почнала да си го бара тоа што ѝ следува по закон, таа нема стапнато во операциона сала, иако претходно оперирала уште од 2017 година. По завршувањето на судскиот процес и исплатата на парите, директорката на болницата, докторката Билјана Теговска почнала да испраќа дописи до институции во странство кои пак на Мојсовска Наумоска ѝ доделиле стипендија за едногодишен престој во Италија, и во кои директорката тврдела дека институцијата, односно Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ не стои зад докторката која добила стипендија, а е нивна вработена.
Препорачано
Дополнително, кога докторката Виолета Мојсовска Наумоска на крајот на минатата година учествувала на конгрес во Дубаи како единствен интервентен кардиолог од Македонија, таму таа презентирала стручен труд. Но, потоа организаторот ја информирал дека мора да ѝ го отстранат трудот од онлајн платформата зашто „некој реагирал за авторски права и дека трудот бил презентиран без дозвола да се користат информациите од пациентите“, а и дека бил „презентиран без знаење на клиничарот одговорен за процедурата кој не го прегледал трудот за да види дали е точна презентираната процедура“.
Доктор Мојсовска Наумоска реагираше на ова со тврдење дека Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ знаел дека таа ќе оди во Дубаи, но и дека овластеното лице во болницата „самовласно, неповикана од никого, во континуитет носи одлуки и презема постапки кои отвораат сериозни прашања за начинот на управување и почитување на институционалните процедури“.
Сакам јасно да истакнам дека учеството беше одобрено со официјално решение на Управниот одбор. Тоа решение е валидно и никогаш не било поништено ниту ставено вон сила. Со поднесок директно испратен до платформата каде е објавен трудот, институцијата практично се омаловажува самата себе, а истовремено врши моја лична и професионална дискредитација и дискриминација пред врвни европски стручни здруженија. Ваквото постапување нанесува сериозна штета на угледот и интегритетот, со ненадоместлива штета. Ова не е изолиран настан, туку дел од континуитет на постапки што укажуваат на злоупотреба, селективност и недоследност во постапувањето. Институциите мора да функционираат врз основа на закон и формални одлуки, а не врз основа на лични интерпретации. Стојам зад својата професионална работа и ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на мојот интегритет, вели Мојсовска Наумоска.
Директорката, доктор Билјана Теговска не одговори на прашањата на „Слободен печат“ зошто институцијата не стои зад стипендијата на Мојсовска Наумоска во Италија, која е причината и дали истата е дискутирана на стручен колегиум или на Управен одбор во болницата. Ја прашавме директорката дали е точно дека откако докторката добила работен спор и болницата „Св. Стефан“ ѝ исплатила 25 илјади евра за 1.200 одработени, а првично неплатени часови и за надоместок за одвоен живот, дали тоа претставувало почетна точка докторката подоцна да биде опструирана во професионалниот развој. За трудот во Дубаи, прашавме чиj е и зошто е спорен. Одговори не добивме.
Но, од документацијата со која располагаме, евидентно е дека непосредно по пресудата во полза на Мојсовска Наумоска, таа побарала Управниот одбор да свика седница и да бара материјална одговорност од бившата директорка за причинување материјална штета врз буџетот, затоа што судските трошоци биле високи и одлеани од народни пари. Актуелната директорка не свикала Комисија за утврдување на материјална одговорност на нејзината претходничка, а преку Управниот одбор на Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ одговорот бил дека – секој директор си сноси одговорност за времето на својот мандат.
„Според законските и статутарните одредби, Управниот одбор нема мандат за утврдување индивидуална, материјална и особено правна одговорност на вработените, вклучително и на директорот, или пак давање задолженија на директорот за покренување на какви било постапки против вработените, вклучително и против поранешни директори“, напишале од Управниот одбор на болницата.

Ќе се вмеша и Антикорупциска
Откако адвокатот на докторката добил одговор од Управниот одбор дека тие немаат намера да утврдуваат индивидуална, материјална и правна одговорност на претходната директорка на Кардиолошкиот центар „Св. Стефан“ во Охрид, испратил пријава во Државната комисија за спречување корупција против цел Управен одбор.
Во пријавата пишува дека со правосилни и извршни судски одлуки е потврдена значителна материјална штета на болницата како резултат на незаконско постапување на поранешното раководство, која се манифестира со досудени износи, камати, судски и адвокатски трошоци. Затоа, според пријавителот бившото раководство треба да ги надомести регресно овие пари, кои се исплатени од касата на болницата. Непостапувањето, според адвокатот може да се толкува како пасивна корупција зашто се остава парите на болницата да останат ненадоместени и дека тоа го прави актуелното раководство.
Додека во позадина се одвиваат овие правни процедури, докторката што ги иницира доби стипендија за професионално усовршување во Италија, но болницата најверојатно нема да ја поддржи. Во меѓувреме во архивата на болницата стигнуваат барања од нејзина страна за заштита од психичко вознемирување.
Директорката Теговска во петокот ни рече дека болницата информацијата за доделениот грант во Италија ја дознала на социјалните мрежи без претходна комуникација или известување од страна на докторката Мојсовска Наумоска. Наумоска пак вели дека немала обврска да ја информира институцијата додека била во процес на апликација и додека не знаела дали ќе биде примена. Но сега, откако ја добила стипендијата во клиниката „Сан Донато“ во Милано, Мојсовска Наумоска ќе мора да бара согласност од Министерството за здравство за едукацијата, бидејќи нејзината матична установа се противи.
Апликацијата е поднесена од нејзина страна во лично својство, без официјална согласност и знаење на болницата. Во однос на грантот, институцијата ќе постапува согласно своите процедури, законските обврски и стручните критериуми, а во контекст на заштита на интересите на самата институција и здравјето на пациентите. Болницата останува доследна на принципите на транспарентност, законитост и професионален интегритет и како и досега, така и во иднина информирањето на јавноста ќе го темели на факти, колективна работа и почитување на етичките стандарди во медицината, ни одговори директорката Теговска, потпишувајќи го одговорот од стручниот колегиум, иако според наши потврдени информации во петокот воопшто стручниот колегиум не се состанал, а таа била надвор од Македонија.


