Доктор Ненад Лазаров: Министерот најде време за попови и оџи и за јапонскиот амбасадор, а за матичните лекари не!

Д-р Ненад Лазаров, Фото: Архива

Матичните лекари од утринава имаат издадено само околу 2 илјади рецепти откако стапија во генерален штрајк во којшто учество зеле дури 80 проценти од ординациите во државата. Матичниот лекар Ненад Лазаров вели дека оваа бројка на издадени рецепти е ниска, бидејќи на дневна основа само толку рецепти се издаваат за „дијазепам“.

– Имаме огромна поддршка, никој не работи. Заменикот министер за здравство Владимир Рендевски вели ќе се сретне со колегите денеска за да се разгледаат нашите барања. Сметам дека е навредливо што министерот за здравство Беким Сали, кој патем доаѓа од примарното здравство кое моментално е дигнато на нозе, не оствари средба со нас туку го праќа својот заменик. Сали најде време да се сретне со јапонскиот амбасадор, со попови и оџи, ама колегата не најде време со нас да направи муабет кога му протестираат 80 проценти од матичните ординации. Ако денес не се договори ништо конкретно, тогаш следната недела го продолжуваме штрајкот со физичко присуство пред зградата на Министерството за здравство, вели Лазаров за „Слободен печат“.

Тој додава дека итните пациенти кои доаѓаат во матичните ординации денеска сепак не се оставени на цедило, но задоволен е што и пациентите соработуваат и не се појавуваат во ординациите во вообичаениот број бидејќи знаат дека штрајкот е и за нивните права.

Барањата на матичните лекари се однесуваат на тоа да се подигне цената на капитациониот бод по пациент, за која беа ветени 95 денари. Исто така се бараат промени на Законот за здравствена заштита со кои што сите пациенти наместо да бидат ,,врзани“ за факсимилот на лекарот, ќе и припаѓаат на матичната ординација. На таков начин, кога некој лекар ќе си даде отказ, или ќе замине во пензија, пациентите ќе останат во истата матична ординација, наместо Фондот да ги брише од евиденцијата со што ординациите губат базични приходи. Матичните лекари исто така се незадоволни од недостигот на поддршка во примарното здравство во текот на целата пандемија.

Матичните лекари на штрајк, Фото: Слободен печат/Драган Митревски

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари доктор Лилија Чолакова Дервишова за „Слободен печат“ вели дека протестите се однесуваат на примарното здравство и на приватните специјалисти кои имаат договор со Фондот.

-Максимална поддршка ни даде и Здружението на стоматолозите. Народот го почитува нашиот протест зашто знае дека го правиме и за нив, за да имаме доктори што ќе останат во Македонија. Сакаме да останат лекарите и во Берово и во Пехчево и во Лозово, кои работат во многу тешки услови и кои ако им заминат медицинските сестри, тогаш нема да имаат тимови и амбуланти. Бараме подобар стандард за матичните лекари и да може да се следи чекорот на плати во јавното здравство и да има задоволни доктори и сестри во цел здравствен систем. Бараме капитациониот бод да расте како што растат и трошоците во државата, да имаме квалитетно здравство, специјалисти со апарати кои се во функција 24/7, се во интерес на народот, а не пациентите да шетаат по здравствените лавиринти, вели доктор Чолакова Дервишова за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот