Доктор Александар Петличковски: Кинеските вакцини штитат од сериозни компликации и смрт од ковид исто како и американските!

Доктор Александар Петличковски/ фото: Архива на Слободен печат

Сите вакцини, вклучувајќи ги и кинеските од „Синовак“ и од „Синофарм“, ги штитат граѓаните од сериозна клиничка слика како последица од ковид-19 и од смрт, вели за Слободен печат директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски. Во јавноста постои скептицизам за ефикасноста на кинеските вакцини, поради податоците што доаѓаат од Бразил, којашто покажа дека вакцината на „Синовак“ има само педесетпроцентна ефикасност. Меѓутоа, податоците од Турција се дека вакцината на „Синовак“ која уште не е пристигната во земјава, а се очекува да дојде во 500 илјади дози, е над 80 проценти. На шест вакцинални пунктови во спортските сали во Скопје, Куманово, Битола, Кавадарци, Охрид, Тетово и Штип почна вакцинацијата со 200 илјади дози од кинескиот производител „Синофарм“.

– Споредбите за ефикасноста се генерални споредби и процентите кои укажуваат на ефикасноста на вакцините се споредливи за сите вакцини. За „Синофарм“ веќе имаме доволно податоци дека се работи за вакцина со ефикасност од над 80 проценти. За „Синовак“ нема многу податоци. Од тие податоци што ги има за „Синовак“, добиени од клинички студии во Бразил и во Турција, не се идентични податоците. Податоците од Бразил се дека ефикасноста на Синовак е околу 50 проценти, а податоците од Турција се дека ефикасноста на „Синовак“ е над 80 проценти. Тука има недостиг на проверени и транспарентни информации околу Синовак и затоа малку има и недоверба помеѓу населението. Инаку во Кина вакцината на „Синовак“ е најмногу користена, а втора по користеност е „Синофарм“. Резултатите од користењето на овие две вакцини во Кина се одлични. Тие не пријавуваат нови случаи месеци наназад. Сите вакцини не се исти. Некои создаваат антитела побрзо, некои подоцна. Некои антитела од вакцините траат подолго, некои пократко и тие варијации постојат. Но, суштината е дека сите вакцини и кинеските и англиската и американските, сите вакцини штитат од сериозен тек на болеста и особено штитат од смртен исход, изјави доктор Петличковски за Слободен печат.

За вакцината на „Синофарм“, која моментално се аплицира во земјава и со која почна масовната имунизација, Петличковски вели дека граѓаните треба да знааат дека се потребни девет недели од првата доза додека да се создаде целосниот имунитет.

– За вакцината на „Синофарм“ која ја добивме во 200 илјади дози, генерално треба да се знае дека се работи за мртва вакцина и таа создава имунитет малку подолго отколку американските вакцини и треба граѓаните да се внимателни помеѓу двете дози и неколку недели по втората доза. Комплетниот имунитет што се развива кај „Синофарм“ вакцината се постигнува после 6 недели по втората доза. Тоа е доста долг период, односно 9 недели од почетокот на вакцинацијата за достигнување на максимална ефикасност. За оваа вакцина не се пријавени никакви сериозни несакани ефекти, вели тој.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека одзивот за вакцинација би требало да е поголем. Во еден ден од вкупно 9 илјади граѓани што добиле термин, половината не се појавиле на пунктот, а зошто тоа се случува ќе се детектира дополнително. Многумина се пожалија дека иако се пријавиле на сајтот вакцинација.мк, добиле термин на многу оддалечено место во друг град, па не отишле да ја примат вакцината. Овие граѓани, според препораката на Министерството за здравство, веќе наредниот ден или два дена подоцна, треба да отидат на вакцинален пункт кој им е најблиску, да ја покажат пораката на мобилниот телефон од претходниот ден и ќе бидат вакцинирани веднаш. Засега нема да има избор на граѓаните со која вакцина да се имунизираат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот