Додик: Американската амбасада во Сараево „поддржува оружен бунт на муслиманите во БиХ“

Милорад Додик
Милорад Додик / Фото: EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Претседателот на Република Српска Милорад Додик изјави дека амбасадата на Соединетите Американски Држави во Босна и Херцеговина „поддржува идеја за оружен бунт во БиХ“, кој, како што рече, би го извеле „муслиманите, со американско оружје“.

„Од пасивни набљудувачи на фундаменталистичките ставови на (поглаварот на Исламската заедница во БиХ Хусеин) Кавазовиќ, американската амбасада тргна во отворена одбрана на првиот муслиман во БиХ. Само што јас лично мислам дека тие не го бранат Кавазовиќ, туку идејата за оружен бунт, кој би го извеле муслиманите, со што друго, ако не со американско оружје“, објавено е на официјалниот сајт на Додик.

Претседателот на РС оцени дека американската амбасада во Сараево „повторно се пресметува“ со него и „наместо јасна осуда на повиците на оружје на реисот – што би бил цивилизираниот гест на една амбасада, на општо изненадување се гледа одбрана на ставовите на Кавазовиќ“.

Амбасадата на САД во БиХ вчера соопшти дека изјавите и реакциите кои доминираат во БиХ се длабоко деструктивни за таа земја и нејзиното општество и дека е особено разочарувачко кога кој било верски лидер спомнува или се заканува со насилство како решение на проблемите во БиХ.

„Сугестијата дека постои поголема потреба за „мир и толеранција“ во БиХ е добра, но оваа препорака мора еднакво да се примени на политичките лидери на БиХ, како и на нејзините верски лидери, и ништо помалку на претседателот на Република Српска Милорад Додик“, наведе амбасадата на САД во БиХ по повод изјавата на поглаварот на ИЗ во БиХ дека „земјата треба да се брани со оружје, ако паднат институциите на БиХ“.

Додик оцени дека „поради ваквото соопштение во која било минимално сериозна земја амбасадорот би бил повикан на консултации, некаде дури и избркан“.

„Само во БиХ странски дипломат поттикнува конфликти, поддржува јазик на омраза дури и на верски поглавар, и останува дипломат“, оцени тој.

Според Додик, амбасадата на САД во БиХ молчела „кога од исламската верска заедница доаѓале навреди на сметка на православците, па и неодамна од џамија во Република Српска“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот