Додека се чекаат новите олеснителни мерки, километарски колони на Евзони
Километарски колони, десетици туристички автобуси, доцнења и чекања со часови за влез во Грција е ситуацијата претпладнево на граничниот премин Евзони / Богородица, според медиумите од Солун, кои пишуваат дека туристите се соочуваат со непријатности и задржувања поради биометриските контроли.
Препорачано
Застоите за патничките возила достигнуваат околу два часа, додека патниците во туристичките и редовните автобуси чекаат повеќе од пет часа, што предизвикува големи проблеми при влегување во Грција.
Меѓу патниците има бројни семејства и туристи кои патуваат во популарните одморалишта во северна Грција, како што се Халкидики, Кавала и Пиерија, пред првиот голем бран патувања на море оваа сезона.
Поради зголемениот прилив на возила, се очекува толпите и подолгите задржувања на преминот Евзони да траат во текот на целиот викенд.
Доцнењата се директно поврзани со имплементацијата на новиот Систем за влез/излез на Европската Унија (ЕСЕ), кој предвидува електронска и биометриска регистрација на државјани на трети земји при влегување и излегување од земјите-членки на ЕУ за престој до 90 дена, според грчкиот портал.
Во четвртокот, заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Константинос Гулекас, одржал состанок посветен на состојбата на граничните премини Евзони и Кипи, при што биле разгледани можности за забрзување на контролите преку дополнително зајакнување на информатичките системи и воведување привремени технички решенија, но финални мерки се уште нема.


