Добивањето томос од Цариград нема да ја направи МПЦ-ОА поавтокефална
МПЦ-ОА веќе има томос за автокефалност од Српската православна црква, но прашањето за втор документ од Цариград повторно го отвора спорот за тоа кој има право да дава автокефалија и дали вториот томос би ја направил МПЦ-ОА поавтокефална црква?!
Прашањето дали Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) треба да добие и втор томос за автокефалност, покрај оној што ѝ го издаде Српската православна црква (СПЦ), не е само формално црковно прашање.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тоа е длабоко теолошко, канонско и дипломатско прашање што се наоѓа во сржта на долгогодишниот спор меѓу Вселенската патријаршија и Московската патријаршија и токму тука Македонија се најде во чувствителна позиција, народски наречена: помеѓу два огна.
Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован во последното гостување во „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ отворено изјави дека не се потребни два томоса и дека еден е доволен.
– Со една одлука може да биде решено прашањето, а ако се прифати оној прв и единствен начин дека мајката црква дава автокефалност, тогаш ќе биде и во иднина така. Дури и ако се случи утре Руската православна црква да ѝ даде томос за автокефалност на Украинската православна црква, тогаш другите цркви ќе треба само да го прифатат тоа. Слично ќе биде како што Цариград неодамна ѝ даде томос за автокефалност на Православната црква на Украина (ПЦУ) и направи дополнителни несогласувања – изјави г. Јован.
Тој посочи дека автокефалијата не се создава со потврди, туку со реално црковно живеење.
Томосот од СПЦ, според ова гледиште, е доволен затоа што СПЦ е мајка-црква, таа што ја „родила“ МПЦ-ОА, ја воспитала и сега ја благословила како зрела да стане самостојна. Тоа е канонскиот принцип што важи од првите векови: секоја црква станува автокефална преку благослов од онаа што ја родила, а не преку административна потврда од Цариград.
Но Вселенската патријаршија има сосема поинаква визија. Константинопол се смета за прв престол во православието – „primus inter pares“ (прв меѓу еднаквите), и цврсто стои на тоа дека само тој има право да издава томоси за автокефалија, бидејќи тоа право му е дадено со каноните.
Оттаму гледано, Цариград не ја оспорува автокефалијата на МПЦ-ОА како таква, туку формалниот пат по кој таа е стекната. Затоа и во последните години одржува воздржан однос: без отворено негирање, но и без официјално признавање преку томос.
Практиката покажува дека Цариград сака да го задржи монополот на „давање“ автокефалии и можеби токму тука лежи суштината на прашањето што денес ја раздвојува православната карта на два блока.
Високи црковни извори брифираат за „Слободен печат“ дека за МПЦ-ОА постои огромна разлика помеѓу прифаќањето томос од СПЦ и евентуален томос од Цариград.
Како што појаснуваат, Српската православна црква го додели томосот без да побара ништо за возврат, чин што беше доживеан како гест на духовно мајчинство и искрено помирување.
Цариград, пак, според истите извори, веќе има поставено неколку услови што се сметаат за крајно неприфатливи: откажување од името Македонска православна црква, отстапување од македонската дијаспора во странство, како и признавање на Православната црква на Украина (ПЦУ), чија автокефалија токму тој ја додели.
За МПЦ-ОА, ваквите барања би значеле откажување од суштински идентитетски и духовни права, нешто што во македонскиот контекст не може да се прифати без длабоки последици.
Од аспект на МПЦ-ОА, прашањето има две страни: реална и симболична. Реално, таа веќе функционира како целосно автокефална црква. Избира свои архиереи, има свој Синод, служи на македонски јазик, комуницира со други цркви без посредници и го определува својот духовен курс. Никој повеќе не ја третира како „расколничка“. Томосот од СПЦ ја заврши канонската драма што траеше со децении.
Во таа смисла, втор документ од Цариград нема да ја направи „повеќе автокефална“. Ќе биде повеќе симболичен чин на прифаќање, нешто како потпис на последната страница од веќе завршен договор.
Но, симболиката во православниот свет има тежина еднаква на реалноста. Втор томос би значел дека Вселенската патријаршија не само што ја прифаќа реалноста, туку и ја благословува. Тоа би било знак на целосно вклучување на МПЦ-ОА во семејството на православните цркви под покровот на Цариград, нешто што би ја трасирало нејзината меѓународна позиција, особено во односите со грчките цркви, каде сѐ уште има воздржаност.
Но, таквиот потег би ја ставил МПЦ-ОА во чувствителна позиција меѓу Москва и Цариград, кои веќе се во длабок раскол поради Украина. Прифаќањето втор томос би можело да се протолкува како политички избор, а не како духовен.
На крајот на краиштата, македонскиот православен народ има можност да избира: формално признавање од Цариград, што би донело дополнителен престиж, но и можен нов круг геополитички толкувања, или потпирање врз она што веќе е стекнато, живо и канонски валидно.
Можеби вистинското прашање не е дали ќе има втор томос, туку дали ќе имаме доволно зрелост да не го бараме по секоја цена. Зашто Црквата не мора да бара потврда дека постои.


