„Добив коронавирус во времето кога во Кина немаше регистриран ниту еден случај“ – Оваа исповед го крена светот на нозе (ВИДЕО)

Амируш Хамар (43) во француските медиуми се разоткри како потенцијален „нулти пациент“ во таа земја, т.е. прво лице кое таму се заразило од коронавирус, и тоа уште во декември минатата година. И она што е посебно интересно е што не патувал во Кина, што наведува на заклучок дека вирусот во Европа кружел уште пред крајот на 2019 кога во болницата во Вухан утврдено е дека се појавил нов коронавирус.

Хамар одлучил да разговара со новинарите од телевизијата БФМТВ откако една болница покрај Париз повторно ги тестираше примероците кои ги дал кога на крајот на минатата година заболел, од како што мислел, грип. Тие примероци се земени на 27. декември, а во понеделникот е објавено дека повторениот тест открил дека 43-годишниот Французин всушност бил позитивен на коронавирус.

Во разговорот за БФМТВ Хамар откри дека страдал од „многу сериозни“ болки во градите, но вели дека лекарите неговата болест ја дијагностицирале како белодробна инфекција.

Иако експертите предупредуваат дека не би требало да се брза со заклучоците врз основа на неговиот пример, СЗО порача дека не е необично случајот на зараза да се случил во декември.

Тие додаваат дека е можно да има слични вакви откритија во претходните случаи на зараза од минатата година.

Од СЗО исто така им порачаа и на другите држави да проверат дали и кај нив имало случаи на зараза кон крајот на 2019 година.

-Така ќе добиеме нова и јасна слика за ширењето на коронавирусот, рекоа од СЗО.

Нејасно е како се заразил

Нејасно е како Хамар се заразил, бидејќи не може да се воспостави директна врска меѓу него и некое лице од Кина во која пандемијата почна минатата година.

Една од претпоставките е дека Французинот со алжирско потекло се заразил преку својата сопруга која работи во супермаркет покрај парискиот аеродром „Шарл де Гол“, во кој доаѓаат патници кои слетале од авион. Освен тоа, лекарите кои го открија случајот на Хамар велат дека и неговата сопруга работела на рибен пазар со колеги од кинеско потекло.

– Сега настојуваме да утврдиме дали таа била асимптоматски преносител на вирусот, вели д-р Ив Коен од болницата во која Хамар се лекуваше.

Самиот Хамар откри дека токму д-р Коен му се јавил пред некој ден и му рекол дека „100 отсто е позитивен на вирусот“.

Кон крајот на минатата година, Хамар имал висока температура, сува кашлица и проблеми со дишењето, сите симптоми кои денеска се поврзуваат со ковид-19. И тој самиот мислел дека е грип, но сепак отишол во болница каде добил и маска за дишење.

– Во пет утрото отидов во болница и им реков дека ми треба лекор, зошто нешто не ми е во ред. Имав болки во градите, рече Хамар.

Лекарите не можеле да утврдат од што точно боледува, па му рекле дека можеби има белодрона инфекција и го предупредиле дека болеста е „многу сериозна“.

По неколку дена во болница на Хамар состојбата сепак му се поправила и се вратил дома опоравен од мистериозната болест. Не бил ни свесен дека е заразен од новиот коронаворус.

Прекројување на текот на заразата

Оваа приказна многу е интересна и кога ќе се погледне досегашниот познат тек на ширењето на коронавирус. Кина првиот случај во СЗО го пријави дури на 31. декември минатата година, а првиот случај надвор од Кина е потврден дури на 13. јануари 20202. Франција официјално првиот случај го забележа дури на 24 јануари.

Д-р Коен рече дека научниците од две болници тестирале стари примероци од 24 пациенти, од кои еден бил позитивен.

Резулататот покажа дека Хамар со коронавирус бил заразен месец дена пред првиот официјално потврден случај во Франција и пред официјално да биде потврден првиот случај во Кина.

Сите примероци тестирани во тоа мини истражување биле претходно собрани поради тестирање на на грип, а секој е тестиран неколку пати за да нема сомнеж во резултатот. Д-р Коен меѓутоа вели дека е прерано да се каже дали Хамар е францускиот „нулти пациент“.

– Можеби е, но можеби има и пред него случаи од другите француски региони. Сите негативни примероци тестирани на воспаление на бели дробови би требало да се тестираат повторно, но на коронавирус. Вирусот веројатно веќе циркулирал меѓу населението, вели.

EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

– Не знаеме како Хамар се заразил, никаде не патувал, а единствен постојан контакт му била неговата жена, вели д-р Коен.

– Вирусот би можел незабележително да се прошири меѓу населнието, смета д-р Оливие Бушар, шеф на Одделениеот за инфективни болести во која Хамер се лекувал.

Многу експерти, меѓутоа, сепак предупредуваат дека врз основа на еден случај не може да се говори за „незабележително ширење на зараза“.

– Овие докази не се конечни, иако е можно да станува збор за еден од претходните случаи, смета професорот по молекуларна биологија на Универзитетот во Нотингем Џонатан Бол.

Шведскиот Завод за јавно здравје: „Можно е да сме имале случаи уште во ноември 2019“

Можно е да имало поединечни случаи на зараза од коронавирусот во Шведска веќе во ноември 2019 година, велат од шведскиот Завод за јавно здравје, но додадоа дека моментално нема да тргнат во потрага по такви случаи, пишува “The Local”.

Шведскиот епидемиолог Андерс Тегнел, архитект на „либералниот“ пристап во борбата против коронавирусот во таа земја, вели дека нему прилично му е логично дека првите случаи на зараза во Европа биле уште во ноември или декември минатата година.

– Ние во Европа не сме забележале ширење на зараза минатата година, но мислам дека би можеле да најдеме случаи на зараза меѓу лицата кои патувале во Вухан во ноември и декември минатата година. Мене тоа не ми звучи воопшто чудно, туку сосема природно, рече Тегнел.

Инаку, првиот потврден случај на зараза со коронавирусот во Шведска е забележан на 31 јануари годинава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот