Евра/ Фото: МИА- архива

Доаѓа дигиталното евро – еве што ни носи

Готовината сè повеќе ја губи својата важност, а дигиталното плаќање сè повеќе се користи во земјите од Еврозоната. За да ја одржи контролата врз монетарниот систем и да го заштити финансискиот суверенитет, Европската централна банка (ЕЦБ) го подготвува воведувањето на дигиталното евро. Оваа нова валута треба да функционира како додаток на физичката готовина, но во дигитална форма- пишува Каматица.

Зошто е потребно дигиталното евро?

Главната причина за воведувањето на дигиталното евро, како што изјави Пјеро Чиполоне од ЕЦБ, е да се зачуваат предностите на готовината во дигиталниот свет. Иако готовината е универзална и бесплатна, дигиталните плаќања најчесто зависат од приватни системи, како што се американските компании за картички и технолошките гиганти. Ова носи ризици во однос на надоместоците, следењето на податоците и потенцијалното исклучување на граѓаните без банкарски сметки.

Уделот на готовината во Еврозоната драстично опадна, од 68% на 40% според бројот на трансакции во последните пет години. Без јавна дигитална алтернатива, европскиот пазар би можел целосно да зависи од приватни и странски решенија.

Како ќе функционира и кога да се очекува?

Дигиталното евро ќе биде достапно преку дигитален паричник, а плаќањата ќе бидат моментални и бесплатни. Корисниците ќе можат да депонираат средства од својата банкарска сметка или во готово. ЕЦБ нагласува дека нема да ги следи личните податоци или навиките за купување на корисниците, што би обезбедило приватност. Важно е да се напомене дека едно дигитално евро секогаш ќе вреди исто колку едно физичко евро.

ЕЦБ моментално е во подготвителна фаза што трае до октомври 2025 година. После тоа, ќе има законодавен процес и понатамошен развој, кој ќе трае две до три години. Ова значи дека е реално да се очекува дека дигиталното евро ќе биде достапно помеѓу 2027 и 2029 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот