До победата и по неа!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

На десет дена пред изборите, сите сериозни истражувања за расположението на гласачите покажуваат стабилни трендови на умерено водство на коалицијата „Можеме“ пред коалицијата „Обнова“, релативна изедначеност кај двата главни натпреварувачи во албанскиот блок и пристојна решеност на гласачите да излезат на денот на изборите и да гласаат. Персонално, пак, лидерот на СДСМ има значителна предност пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, што значи дека поддршката за Заев ја „натфрла“ поддршката за неговата партија, а поддршката за ВМРО е поголема од поддршката за самиот Мицкоски.

Единствената валидна проверка на овие статистички соодноси ќе се случи на 15 јули. Во изминатите години, тоа е светски тренд, истражувањата на јавното мислење не се покажувале секогаш како сигурна алатка за предвидување на изборните или референдумските резултати. Анкетираните, имено, се воздржуваат да ги кажат своите вистински ставови или, дури, и директно лажат во проценти коишто не се забележани во изминатите децении на модерните демократии. Примери за гласачки изненадувања, наспроти анкетни предвидувања, има многу.

Ова треба да е поука за сите, а особено за предизборните „победници“ од СДСМ и нивните поддржувачи: победите се прогласуваат после броењето на гласовите, а не со собирање на предизборните статистики. Кај „анкетните“ победници секогаш има еден ризик дел од оние кои би ги гласале, уверени пред изборите дека нивната опција победува, на денот на гласањето да остават граѓанската должност да им ја заврши некој друг, додека тие би бистреле политика некаде на кафе. Од друга страна, и кај „анкетните“ губитници има проблем, бидејќи дел од нивните поддржувачи, пак, не сакаат да губат време на гласање кога истражувањата предвидуваат дека тој напор им е за џабе.

Но, бидејќи овие македонски меѓупартиски соодноси се одржуваат со месеци наназад, јасно е дека стратегиите во кампањите се обмислувани врз тие предвидувања. СДСМ води, главно, позитивна кампања, за да мотивира педесет до сто илјади гласачи вон својата партиска „командировка“ да излезат на избори и да ги поддржат нивните главни политики.

ВМРО води исклучиво негативна кампања насочена на политички и карактерен „атентат“ на Заев (кој, памтите, значително води во јавната поддршка пред Мицкоски и ја натфрла својата партиска гласачка база), за да ги мотивираат истите педесет до сто илјади гласачи на денот на гласањето да си останат дома, за да не гласаат за СДСМ, бидејќи и така не би гласале за ВМРО. Другото е прашање на партискиот изборен мобилизирачки список.

Што ќе се смени во претстојните десет кампањски дена?

Методолошки, ништо. Од викендов ќе почнат да се објавуваат уште подегутантни прислушувани или снимани разговори (се направија пазарења и во Солун, одеше таму една жена во службен автомобил на една македонска банка, кај двајцана пребегани осуденици, па белки нешто од пред 3-4-5 години ќе се измонтира и од тие „валидни“ извори), а којзнае и дали „портфолиото“ на Кичеец е до крај презентирано… Бидејќи досегашните тези и јавни настапи на кандидатите на „Обнова“, кои „бркаат резултат“, се мошне неубедливи – тоа е истата екипа што ги изгуби и референдумот и претседателските избори – надежта е дека Заев ќе се дезавуира „телефонски“, макар според принципот држи-воду-док-избори-оду.

Ќе успее ли таа „црна“ стратегија?

Можеби да, можеби не, но шансите за „Обнова“ ќе беа поголеми, да не беше самиот Мицкоски толку слаб (заради што можеби и разликата меѓу него и Заев се зголемува, а не се намалува), а и да не беа севкупните изборни пораки на опозицијата очајно „исплакнати“. Не верувам дека, на пример, Сиљановска-Давкова или Дурловски можат едно ливче да затресат на годинешново изборно „дрвце“, во споредба со забавата што ја приредуваат евангелистот од „Интегра“ или национал-социјалистот од „Левица“ кои, секако, рефлектираат на гласачите на ВМРО-ДПМНЕ.

А што ќе се случи со предизборното трикче за „премиер Албанец“?

Признавам, немам целосен увид во таа збрка, впечаток е дека напорот на ДУИ до сега не импресионира. Го „цедат“ Зибери до последна капка, бидејќи Ахмети им е „сув“ како прекланска чадена харинга. Па, сепак, изборниот потенцијал на ДУИ – што е комбинација на бројни државни „абоненти“, развиена националистичка демагогија и добра контрола на теренот – не треба да се потцени, бидејќи тие се виртуози во зграпчување на изборниот (и постизборниот) момент.

Сè на сè, да се вратам на темата, предизборните истражувања на јавното мислење се најдобриот начин да се направат погрешни изборни проценки со 50% точност. Другата половина треба да се одработи до последниот предизборен ден.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот