До крај нескромен: Пол Макартни објасни зошто „The Beatles“ биле подобри од „The Rolling stones“
Минатиот вторник во етер на програмата на радио на популарниот водител Хуард Стерн се јави сер Пол Макартни, пејач и текстописец на легендарните „The Beatles“.
Препорачано
Помеѓу другото, Пол на популарниот радиски водител му објасни зошто, според него, „The Beatles“ биле подобри од „The Rolling stones“.
Самиот водител го „пецна“ Макартни кога прв рече дека ливерпулската четворка е подобра од популарните Стонси, а Пол ги потврди овие тврдења.
– Се согласувам со оваа теза. Тајната е веројатно што сите песни на Стонси имаат корен во блуз музиката, додека нашите хоризонти и влијанија беа многу пошироки. Во тоа лежи голема разлика. Ги сакам Стонси многу, но се согласувам со вас, Битлси беа подобри – нескромно рече Макартни, а пренесува „Soundgarden“.
Во продолжение од разговорот, Стерн го спомена честото влијание на Битлси врз музиката на Стонси, истакнувајќи дека албумот „The satanic majestic request“ всушност е одговор на „Sgt. Pepper“, а Макартни во потполност се сложи и со ова.
Макартни моментално не настапува, бидејќи коронавирусот во целост ја блокираше и музичката индустрија, но во споменатата емисија го најави документарецот „The Beatles: Get back“.
Филмот е во режија на Питер Џексон, а составен е од необјавени снимки настанати за време на снимањето на филмот „Let it be“ од 1969 година.


